• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

26 јули 2024

 - Во Скопје денеска со изложба и филмски проекции ќе биде одбележана 61. годишнината од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1 070 лица, а 3 000 беа повредени. Во Музејот на град Скопје вечерва  во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот. Во Кинотека на Македонија вечерва ќе бидат прикажани кратки македонски филмови посветени на скопскиот земјотрес. Проекциите почнуваат во 20.30 часот, а ќе бидат прикажани пет кратки филмови и тоа „Школите и универзитетот во скопската катастрофа“, „Писмо од Скопје“, „Проштевање“, „Скопје“ и „Катастрофа, страдања, надежи“.Во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, вечерва во 21 часот во Музејот на современа уметност, во рамки на Летното кино под тремот, ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31′) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка. Проекцијата е закажана за  21 часот, под отворено небо во Музејот. 

 - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување на камен темелник на изградба на влезот во Општина Битола. Од владината прес-служба информираат дека станува збор за проект со кој ќе бидат опфатени 1.332 метри за што ќе бидат потрошени над 100 милиони денари. Проектот вклучува реконструкција со доградба на коловоз на дел од улицата „8 Септември“ во Битола, од бензинската пумпа „Лукоил“ до границата на ГУП на Општина Битола. Според агендата, Мицкоски денеска ќе изврши и увид во градежните активности за изградба на Противпожарната зграда, проект што беше најавен дека ќе започне со реализација во јануари, а исто така ќе присуствува и на пуштање во употреба на спортски игралишта во OУ „Елпида Караманди“ во Битола.

 - На граничниот премин Табановце утринава за влез во земјава се чека околу еден час, а на граничниот премин Богородица времето на чекање за излез од земјава е од 30 до 40 минути, информира Авто Мото сојузот на Македонија. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Фреквенцијата на возила надвор од градските средини е зголемена.

 - Расправата за ребалансот на буџетот треба да продолжи денеска во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет откако вчера на првиот ден од расправата се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Во своето експозе, министерката за финансии посочи дека ребалансот е скроен согласно затекнатите состојби во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно закон.

- „Finance Think“ смета дека со ребалансот на Буџетот има реалистично макроекономско проектирање и дека проекцијата на буџетските приходи соодвествува со економските движења, но изразува загриженост за зголемувањето на буџетскиот дефицит за кој, вели дека не е изненадување со оглед на политичките ветувања во периодот на изборите. Од „Finance Think“ оценуваат дека проширувањето на буџетскиот дефицит е целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако била недоволна, отпочнала по пандемиската 2020 година.

- Министерот за екoномија и труд Бесар Дурмиши, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, пратеникот Беким Сали и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу денеска ќе ја посетат Старата скопска чаршија и ќе остварат средба со занаетчиите кои работат во Чаршијата. Дурмиши, како што е најавено, ќе ги информира занаетчиите за јавниот повик за поддршка на занаетчиството кој беше објавен од страна на Министерството за економија и труд.

 - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе изврши увид во градежните активности за изградба на нов здравствен дом во општина Илинден. Од Министерството за здравство информираат дека на увидот ќе присуствува и заменик  министерот за здравство, Јовица Андовски. 

-  Царинските службеници од граничниот премин Табановце спречиле обид за нелегално изнесување 6.800 евра од патник кој не пријавил дека носи поголема сума девизи. - Лицето е македонски државјанин и на прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави, одговорил дека нема ништо за пријавување. При извршената контрола, во рачна торба на патникот биле пронајдени 8.800 евра, за кои лицето не поседувало никаков документ за потекло, соопшти Царинската управа.

– Со уникатно шоу на реката Сена вечерва во 19:30 часот свечено ќе бидат отворени 33. летни Олимписки игри (ЛОИ) во Париз. На Игрите ќе настапат 10.500 спортисти од 206 држави, кои ќе се натпреваруваат во 32 спортови, а прв пат во историјата ќе бидат поделени олимписки одличја во брејкденс. Македонската олимписка експедиција ја сочинуваат шестмина спортисти - Дарио Ивановски (атлетика), Владимир Егоров (борење/ до 57 кг, слободен стил), Никола Ѓуретановиќ (пливање/ 400 метри слободно), Анастасија Мојсовска (стрелаштво/10 метри воздушна пушка), Еди Шерифовски (џудо) и Мила Рељиќ (таеквондо). Знаменосци на свеченото отворање ќе бидат Дарио Ивановски и Мила Рељиќ.

 - Франција денеска има намера да го импресионира светот со екстравагантна церемонија на отворање на Олимписките игри во Париз каде околу 45.000 полицајци, 10.000 војници и 2.000 лица од приватни компании за обезбедување ќе се грижат за безбедноста на парадата покрај реката Сена, нејзиниот брег и околните споменици. ОИ се одржуваат во време на големи безбедносни ризици, односно во време на засилени геополитички тензии. Планирано е речиси 7.000 спортисти да запловат по реката Сена покрај најпознатите париски знаменитости, додека повеќе од 300.000 гледачи ќе ги следат од брегот.

 - Француската брза железничка мрежа е погодена од вандалски дејствија и поради тоа е нарушен транспортниот систем, соопшти утрово железничкиот оператор SNCF. Соопштението е објавено само неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз. „Ова е напад со големи размери за да се парализира мрежата Те-Же-Ве (TGV)“, соопштија од SNCF. Според нви, многу рути ќе мора да бидат откажани и ситуацијата ќе трае „барем цел викенд додека се вршат поправките“.

- Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска пристигнува во Кина во официјална петдневна посета  што ќе трае до 31 јули, соопшти денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на таа азиска земја, Мао Нинг. Тоа е прва посета на Мелони на азиската земја откако ја презеде власта во 2022 година. „ Мелони ќе престојува во официјална посета на Кина од 27 до 31 јули“, наведе Мао Нинг во коминике.„Џорџа Мелони ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Кианг, рече портпаролката на нејзината редовна прес-конференција.

- Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел,  го повика Израел да ја повлече одлуката за забрана на Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци, нарекувајќи го тој потег „глупост“.„Забранувањето на УНРВА и етикетирањето на таа организација како терористичка, што не е, значи таргетирање на регионалната стабилност и човечкото достоинство на сите оние кои имаат корист од работата на агенцијата на ОН. Ние се придружуваме на многу партнери во повикувањето на израелската влада да го запре ова глупости“, објави Борел на платформата Х.

– Канцеларот на Германија, Олаф Шолц во интервју за „Сарбрикер цајтунг“ изјави дека ќе ги поддржи строгите гранични контроли за ограничување на илегалната миграција. - Генерално, имаме намера да продолжиме строго да ги контролираме германските граници. Сакаме да ја ограничиме илегалната миграција, како што најавив. Бројката мора да се намали, посочи Шолц. Тој ја нагласи потребата од намалување на бројот на луѓе кои нелегално влегуваат во Германија и бараат азил без валидни причини. Шолц ги спомна и постоечките гранични контроли, како онаа на границата со Франција за време на Олимписките игри, што е во сила до 30 септември.

- Лидерот на Хамас на Западниот Брег почина во израелски притвор откако му се влоши здравствената состојба, соопштија денеска палестинските власти.  Мустафа Мухамед Абу Ара (63) почина откако беше префрлен во болница од затворот Рамон во јужен Израел, се вели во соопштението на палестинската управа за прашања на затворениците. „Пред апсењето тој страдаше од сериозни здравствени проблеми и му требаше интензивен медицински надзор. Сепак, од моментот на неговото апсење, шеик Абу Ара, како и сите затвореници, се соочи со злосторства без преседан... од почетокот на војната за истребување“, се вели во соопштението.

 – Водачот на мексиканскиот наркокартел Синалоа, Исмаел Ел Мајо Замбада е уапсен во американската сојузна држава Тексас, соопштија американските федерални власти. Замбада (76) го основал картелот заедно со Хоакин Ел Чапо Гузман, кој моментално е во затвор во САД. Синот на Хоакин Ел Чапо Гузман, Хоакин, беше уапсен заедно со Замбада во Ел Пасо Во февруари Замбада беше обвинет во Бруклин за илегална трговија со фентанил, а двајцата се обвинети за насочување на криминалните операции на картелот во САД, вклучително и производство и трговија со фентанил.

- Кандидатот на републиканците на претседателските избори во САД, Доналд Трамп синоќа нагласи дека САД ќе го „збрише Иран од лицето на земјата“ доколку ирански официјални лица го убијат. Трамп го изјави тоа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху спомна таква закана. „Ако го „убијат претседателот Трамп“, што е секогаш можност, се надевам дека САД ќе го уништи Иран, ќе го избрише од лицето на Земјата“, напиша поранешниот американски претседател во пораката на социјалната мрежа Тruth Social.

– Резултатите од најновата анкета на Њујорк тајмс и Колеџот Сијена покажуваат предност од два отсто за поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп. Според анкета за Трамп се изјасниле 48 отсто од испитаниците, додека демократската потпретседателка на САД, Камала Харис има поддршка од 46 проценти. Анкетата е изработена на примерок од 1.142 регистрирани гласачи на национално ниво, со маргина на грешка од 3,3 процентни поени.Претседателските избори во САД се одржуваат на 5 ноември.

– Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјави дека Кина е подготвена да соработува со Русија за одлучно меѓусебно поддржување и заштита на заемните витални интереси во атмосфера на турбулентна меѓународна ситуација и надворешно мешање. На средбата на Ванг, на Самитот на АСЕАН, што се одржува во Лаос, со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се разговараше за нова безбедносна архитектура за Евроазија.- Двајцата министри разговараа за начините за спроведување на концептот за изградба на нова безбедносна архитектура за Евроазија. Русија го изнесе како одговор на стагнирачките евроатлантски механизми, се наведува во соопштението од руското МНР.

 – Претседателот на американскиот Здружениот Генералштаб, генерал Чарлс К. Браун изјави дека Израел сè уште не споделил голем дел од своите планови за Појасот Газа за „денот по завршувањето на војната“ со палестинското исламистичко движење Хамас. Неговата изјава уследи по обраќањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред американскиот Конгрес, во кој тој ги истакна само нејасните контури на „дерадикализираната“ повоена Газа.

 - Повеќе од 97 отсто од сензорите на Виндоуз се повторно на интернет, изјави  извршниот директор на CrowdStrike, Џорџ Курц, речиси една недела откако ажурирањето на софтверот за кибер безбедност на компанијата предизвика глобален прекин.Сензорите се хардверски компоненти што можат да му дадат на компјутерот информации за локацијата, околината на компјутерот и слично. Компјутерските програми можат да пристапат до податоците од сензорите и потоа да ги складираат или да ги користат за да помогнат во секојдневните задачи или да го подобрат деловното опкружување.

– Стотици австралиски новинари денеска почнаа петдневен штрајк додека траат преговорите за плати. Штрајк има во повеќе австралиски дневни весници – „Сидни морнинг хералд“ (Sydney Morning Herald), „Ејџ“ (Age) и економскиот весник „Острелијен фајненшел ривју“ (Australian Financial Review), кои се дел од групацијата „Најн ентертејмент“ (Nine Entertainment). Во штрајк стапија и новинарите од повеќе весници во Сиднеј, Мелбурн, Бризбејн и Перт.Штрајкот почна откако менаџментот на „Најн ентертејмент“ го претстави планот за укинување на 90 работни места.

Остани поврзан