• среда, 27 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   29 октомври 2024

 

Тетово - Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами за писмата кои Али Ахмети ги праќа до премиерот и до странски политичари оцени дека не се во интерес на граѓаните.  Касами му порача на Ахмети да работи на реформи во неговата партија ДУИ.

- За жал Али Ахмети не работеше во интерес на граѓаните ниту кога беше во власта, ниту сега кога е во опозиција. Тој место да работи во реформирање на неговата партијата и да се спреми за следните избори, како што имаше доволно време кога беше дел од власта, за да се занимава со работи кои не беа негови, наместо да работи за граѓаните и сега во опозиција наместо да се занимава со работи кои се својствени за опозициона партија, тој има време за жал да пишува писма.Во време кога тој пишува писма ние реализираме проекти во интерес на граѓаните и на локално и на централно ниво, истакна Биљал Касами од Тетово.

Според лидерот на Движење Беса, статусот на Албанците не е загрозен, како што вели Ахмети во писмата.

- Го уверуваме и Ахмети и сите граѓани во оваа држава дека нема има уназадување на правата на Албанците и ние како коалиција ќе работиме за подобрување на животот на сите граѓани и за нас е важно Македонија да оди напред и меѓуетничките односи но и правата на сите граѓани и животот на сите граѓани да биде унапреден. Со тоа ние на дела покажуваме дека работиме во интерес на граѓаните, рече Касами.

Биљал Касами смета дека оваа Влада повеќе работи на реализирање на Коридорот 8.

- Цело време се жалеа во делот на Коридор 8, видовте дека вчера премиерот, министрите, заедно со амбасадорката на САД излегоа на терен и укажаа дека тоа што претходна Влада само декларираше дека ќе се работи во делот на Коридор 8, веќе и граѓаните се сведоци дека сега интензивно се работи за тој коридор. Тоа што Ахмети ветуваше и не реализираше, ние сме сега спротивно на тоа. Ние реализираме и повеќе од тоа што сме ветувале, истакна Касами.

Струмица - Намерата не е да излезам од ЗЕЛС затоа што сакам да сум надвор од ЗЕЛС, намерата е да го вклучиме алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите со што не се соочува само градоначалникот на Струмица или „Комуналец“, се соочуваат 53 илјади граѓани, таков проблем имавме и во Гостивар, во еден период во државата околу 150 илјади луѓе беа оставени без питка вода. Требаше Костадинов да излезе од ЗЕЛС за да почнеме сега да организираме состаноци, апсолутно не. Мора да градиме одговорен пристап кон граѓаните и кон институциите.

Ова денеска го одговори градоначалникот Костадин Костадинов на новинарско прашање за неговиот став за излегувањето на Струмица од ЗЕЛС.

Тој истакна дека не сака да излезе од ЗЕЛС, бидејќи ЗЕЛС е заедница која треба да се грижи за интересот на сите општини, која треба да работи на процесот на децентрализација многу сериозно и треба неселективно, како што впрочемм посопчи, вчера биле изјавите од потпретседателите на ЗЕЛС, кои тој ги почитува почитувам и охрабрува во тој дух да се градат односите.

Додаде дека постојано е во контакт со неговите колеги градоначалници, секако и градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС, Перо Костадинов, но потенцираше дека напуштањето на ЗЕЛС е во делот на состаноците и во делот на вклучувањето на алармот.

- Зошто? Струмица е четири недели без вода, тоа е само една од причините зошто го напуштив Управниот одбор на ЗЕЛС и не се појавувам на состаноците на ЗЕЛС. Тоа е многу принципиелно кога се обидуваме да исполитизираме процес како што е питка вода, не може да не очекуваме и политички одговор или реакција. Затоа велам, сега е време кога треба да седнеме на маса. Ние го решивме нашиот проблем, сега е време за седнување на маса, каде што, зборувам за ЗЕЛС, ќе ги отвориме можностите и ќе ги отвориме темите коишто се предмет на разговор и се интерес на струмичанки и струмичани, посочи Костадинов.

Тој ги наброја проектите и програмите кои се одобрени од ресорните министерства и се чека на нивна реализација.

- Тука мислам на атмосферска канализација во село Муртино за која што имаме добиено средства и очекуваме да се распише јавна набавка, што со филтер станицата за питка вода во населено место Банско за која исто имаме одобрено средства и се чека распишување на јавна набавка, што со средствата од унгарскиот кредит за што до денеска немаме добиено известување на писмено, кои се причините и дали е одбиен проектот за нов градски пазар во Струмица. Се од институциите треба да добиеме на хартија. Зошто? За истото да може да го обжалиме. Имаме одлука на Влада и овде не скромно ќе се заблагодарам што е продолжен рокот, но во известувањето вели за докомплетирање на проектите, ние имаме комплетиран проект, ова не е обвинување туку е детализирање на еден процес којшто е многу важен за струмичани, подвлече струмичкиот градоначалник.

Тој се осврна и на усогласувањето на урбанистичките планови.

- Ги имаме деталните урбанистички планови, го имаме генералниот урбанистички план за којшто треба да седнеме со ресорно министерство оти и тоа е развој за Општината. Знаеме дека министерот за транспорт и врски најави можност за железничка пруга низ Струмица. Како ќе имаме железничка пруга ако тоа го немаме во ГУП. Впрочем, во новиот предлог за новиот ГУП на Струмица постои железничката пруга којашто во моментот ја нема во постоечкиот ГУП. Ова се многу важни теми за коишто повикувам на разум и затоа разговорот во ЗЕЛС е така условен, истакна Костадинов.

Тој побара и за проблемот со браната „Турија“ да не разговараат тој и ресорниот министер, туку работна група која би била составена од стручни лица АД „Водостопанство“. МЗШВ и ЈПКД „Комуналец“ Струмица.

- Упатувам апел и порака до надлежните институции, МЗШВ и АД „Водостопанство“ да седнеме на маса, да дискутираме за состојбата на водата во браната „Турија“, да изнајдеме решенија без разлика што тоа е нивна надлежност, ние Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ сме подготвени да разговараме за можните решенија дури и на брана „Турија“. Знаеме дека Струмица сега има вода за пиење, но Општина Василево нема. Не знаеме дали утре повторно ќе има одрон во браната и повторно ќе ни се појави проблем со манган. Ова е време на прагмата, а не е време на политиката, рече градоначалникот Костадин Костадинов на денешната прес - конференција.

Заедно со раководството на комуналаното претпријатие и официјално соопштија дека водата за пиење во Струмица е здрава и безбедна покажувајќи го решението од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Струмичкиот градоначалник се заблагодари на инспекторите на АХВ за нивната храброст да го потпишат решението и како што рече, „можеби имале и притисоци за да може да се надмине проблемот со водата за пиење“.

- Упатувам сериозна порака до институциите да си ја гледат работата којашто е во нивна надлежност. Струмица била, е и ќе биде сериозен партнер на сите државни институции. За да бидеме партнер институција мора да градиме партнерски однос. Затоа, повикувам, надлежните институции-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да не го политизитраат повторно овој случај, да не наоѓаат дежурни виновници оти еве од вчера гледаме каде е вината, но тоа не е битно бидејќи не знаеме до кога ќе трае. Затоа, да седнеме како луѓе кои ја имаме честа од граѓаните да водиме институции и да носиме одлуки во интерес и за добробит на граѓаните, додаде Костадинов.

Инаку, водата за пиење во Струмица и шест населени места беше забранета за употреба пред еден месец заради зголемено присуство на манган и во последните мерења заради зголемено присуство на колиформни бактерии. 

Во Тетово како градоначалник Касами промовираше новоуреден паркинг за станари во Урбан блок 100.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска им ги врачи решенијата за стипендии на талентираните ученици од основните училишта во областа на културата за учебната 2024/25 година.

По тој повод, во креативниот амбиент на КСП Центар – Јадро се одржа свечена приредба на која младите таленти покажаа што знаат и умеат, изведувајќи уметнички точки од својот репертоар.

Честитајќи им на стипендистите, Герасимовски изрази надеж дека оваа поддршка ќе ги поттикне на нови натпревари и успеси.

„Општина Центар ќе продолжи да вложува во младите таленти. Овие ученици се наши амбасадори и наш бренд кој не претставува на државната, европска и светска сцена. Им посакувам да продолжат на тој успешен пат “, истакна Герасимовски.

Според објавените критериуми во огласот, вкупно 46 ученици ги исполнуваат условите, од кои 41 ученик ќе добиваат стипендија од 2.500,00 денари месечно, а 5 ученици ќе добиваат по 3.000,00 денари месечно за осум месеци (октомври-мај) во текот на учебната година. Наградените учениците се избрани поради високите резултати што ги постигнале на градските и републички, но и на многу интернационални натпревари.

На годинешниот оглас за стипендии се пријавиле 53 ученици, што сведочи за зголемениот интерес и успешност на овој проект на Општина Центар за развивањето на талентот кај младите.

Битола - Националната установа Завод и Музеј-Битола, јубилејот 90 години од формирањето ќе го одбележи со како што најавија, три големи настани организирани во октомври, ноември и декември.

Првиот се одржа викендов со отворањето на Спомен куќата на народниот херој Стив Наумов со чија реконструкција по 15 години повторно е достапна за јавноста, следниот месец ќе биде отворена Јени џамија, а во декември реконструираната црква „Св. Ѓорги“ во Курбиново, истакна директорот на НУ Завод и Музеј-Битола, Зоран Николовски.

-Во оваа календарска година одбележуваме 90 години од почнувањето со работа на битолскиот Музеј формиран во 1934 година. Првиот од трите големи настани се одржа викендов на роденденот на народниот херој Стив Наумов, со отворање поставка која содржи сочувана покуќнина на семејството Наумов и важни историски документи. Вториот настан ќе го организираме во средината на следниот месец кога за јавноста ќе биде отворена Јени џамија, а на 9 декември, на верскиот празник Свети Ѓорги ќе биде отоврена истоимената црква во Курбиново, посочи Николовски.

Јени џамија во иднина ќе функционира како Музеј на христијанско-исламско културно наследство, а за јавноста ќе биде достапен внатрешниот дел кој е реставриран, стаклените подови во и пред џамијата каде се видливи темелите и ѕидовите на црквата „Св. Ѓорги“, како и останатите содржини на објектот лоциран во центарот на градот.

Во месец делември, во преспанското село Курбиново ќе бидат отворени вратите на еден од најзначајните византиски средновековни споменици на културата на Балканот, црквата од 12 век,  „Св. Ѓорги“ во која се наоѓа оригинална фреска на ангелот на благовестието Гаврил.

Штип - Почна реконструкцијата на улицата „Крушевска Република“ во штипската населба Баби. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека оваа улица води кон Филтер станицата за преработка на водата за пиење, а се користи и од страна на пешаци. Реконструкцијата се прави, поради оштетување на улицата, бидејќи изминатите месеци на овој потег се менуваше и старата главна водоводна линија, со што се реши проблемот со водоснабдување во населбата Баби.

-На делови од улицата „Крушевска Република“ е оштетен коловозот, асфалтот. Така да овие два зафати уредувањето на тротоарските површини и асфалтирањето на овој дел од улицата ќе се изврши во наредните денови. Инвестицијата е нешто повеќе од три милиони денари, изјави Јорданов.

Тој најави дека позавршување на оваа улица, во населбата Баби ќе се работи и на улиците „Лески“, „Мара Минанева“.

-Она што го предвидуваме во населбата Баби е и долгогодишното барање за поставување на еден мини пазар, во непосредна близина на Општинското основно училиште (ООУ) „Славејко Арсов“. Сите барања од граѓаните се разгледуваат и работиме во насока на урбанизирање и модернизирање на една од поголемите населби во нашиот град, рече Јорданов. 

Тетово - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами денеска пушти во употреба нов паркинг простор во Урбан Блок 100. Паркингот е создаден по отстранувањето на гаражи, а сега станарите ќе плаќаат и паркинг за резиденти.

-Се работи за уредување на заедничкиот простор на овој комплекс на згради блиску до муслиманските гробишта, кое порано беше засолниште за девијантни појави. Жителите од оваа област се жалеа дека беше несигурно за нивните деца и за нив. Сега со оваа инвестиција која предвидуваше тргање на околу 30 гаражи, поплочување со бехатонски плочки на околу 1700 метри квадратни во кои е создадено паркинг место за околу 50 возила. Исто така со садење на дрвја, јавно осветлување е создадено еден простор кој личи на еден модерен град на еден европски град. Граѓаните од овие станбени згради ќе можат да утре во контакт со претријатие за паркинг за да земат паркинг место за резиденти. Овој паркинг ќе биде за станарите кои се со адреса на живеење во овој дел од градот, истакна Касами.

Градоначалникот Касами најави дека на овој начин ќе се уредат и други места во Тетово.

-Од овде најавуваме дека ќе продолжуваме да уредуваме заедничките простори на колективните станбени згради. Од следна недела ќе продолжиме со уредување на и на друг простор кај населеното место Тетовчанка каде исто така се тргнати гаражите и ќе се продолжи со уредување на истиот простор. Секаде каде порано беше неуредено и узурпиран јавен простор ние ќе продолжиме со инвестиција и враќање на тие простори на тие локации на користење на сите граѓани, рече Касами.

Според него ќе има уредување на просторот и во комплексот згради „Чешел“.  На новинарско прашање Касами истакна дека е во контакт со Министерството за транспорт и врски околу почнување на процедури за проектирање и изградба на катни гаражи во центарот на градот.

-Со новите промени на законот за урбанизам општините имаат можност да планираат катни гаражи со олеснети процедури, со тоа планираме на неколку локации во центар, во заедничка соработка со државни институции на проектирање и изградба на катни гаражи. Две локации се критични позади ресторан Гранд и позади ресторан Тиволи, истакна Касами. 

Според Касами, иако едно од местата има подземен простор наменет за засолниште, на истото место ќе може да се гради катна гаража. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска присуствуваше на промоцијата на новото комунално возило на ЈКП „ Илинден“ за собирање на комунален отпад, пришто повторно е подновен возниот парк на претпријатието. 

Како што истакна градоначалникот Георгиевски специјалното возило за собирање на комунален отпад е со капацитет од 21м3, и ќе ги замени старите и дотраени возила наменети за собирање на комунален отпад низ населените места во Илинден. Тој додаде дека врвен приоритет во работењето на локалната самоуправа е подобрување на  квалитетот на услугите, а со набавката на комунални возила ќе се подобри квалитетот на услугите кои ги врши Јавното претпријатие, како и ефикасноста на вработените. 

Возниот парк во ЈКП „Илинден“ континуирано се обновува, такашто во изминатиот период досега претпријатието има набавено четири комунални возила и една градежна машина со приклучна механизација за косење и кастрење на вегетација, Мулчер. 

Кавадарци - Советот на Општина Кавадарци усвои програма за хуман третман и благосостојба на бездомни животни на кавадаречко општинско подрачје за 2024 година. Програмата за хуман третман на бездомни кучиња на јавното претпријатие ,,Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство Стационар Шепа Кавадарци", беше на дневен ред на денешната 48 седница.

Документот детално го обработува моделот на менаџирање и решавање на проблемот со бездомните кучиња, преку воспоставување на систем за контрола на популација на кучиња согласно законите за ветеринарно здравство, за заштита и благосостојба на животните и правилникот за постапките за заловување, интервенции и третман на бездомните кучиња, начинот на спроведување на тестот за социјализација, начинот и содржината на податоците за водење на евиденција и начинот на вршење на надзор, условите за одобрување на прифатилиштата, формата и содржината на барањето за одобрување, како и формата и содржината и начинот на водење на регистарот на одобрени прифатилишта. 

Во документот пишува дека  во програмата за хуман третман се утврдуваат активностите кои ќе се спроведуваат на територија на Општина Кавадарци кои се базираат врз националната законска рамка, со голем осврт на активности кои претпријатието ќе ги воспостави за поттикнување на одговорно сопствеништво кон домашните миленици. 

- Програмата е изработена врз основа на методот „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати", а целта е во примената на методата да бидат вклучени сите расположливи ресурси во рамките на Општина Кавадарци. Поради порастот на популацијата, за најбрз загарантиран ефект ќе се направи план за масовен хуман третман на бездомните кучиња во рамките на општината во период од 6-12 месеци. Се предвидува дека со 75% стерилизирани/кастрирани единки, процентот на напредок на популацијата станува 0%, по што бројот на кучиња природно почнува да опаѓа, се вели во програмата. 

Притоа се додава дека овој начин на работа ќе овозможи систем на ефективно управување како и детален увид во трошоците на работата, врз основа на што, ќе може да се направи и детална анализа на работата на прифатилиштето за следната година. 

- Преку овој пристап ќе се овозможи подобра распределба на ресурсите и капацитетите на Општина Кавадарци и останатите општини во Вардарскиот плански регион во решавањето на овој проблем, со што ќе биде транспаретно прикажан начинот на финансирање на претпријатието и негова одржливост, пишува во програмата. 

Во неа се потсетува дека принципот на контрола на уличната популација на животни во Општина Кавадарци ќе биде преку ставање во функција на капацитетите на прифатилиштето и ветеринарната амбуланта во сопственост на општините од вардарскиот плански регион, персоналот вработен во ЈП ,,Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство Стационар Шепа Кавадарци" и оставена е можност за ангажирање на ветеринарни друштва за медицинскиот третман на уличната популација на животните. 

Велес - Во преполната  сала на Општина Велес синоќа се одржа традиционалната 14-та ораторска вечер „Петар Поп Арсов“ на која учествуваа шест млади оратори од земјава. Темата на конкурсот беше „Иднината е во наши раце, продолжуваме за поуспешна иднина“. На конкурсот се пријавиле 10 учесници, од кои жири комисијата избрала шест.

Жири комисијата на ораторската вечер синоќа по настапот на шестте оратори, одлучи  првото место да му припадне на Стефан  Ѓорѓиевски од населбата „Ѓорче Петров“ од Скопје. Второто место и припадна на Ивона Тодорова, а третото на Даниела Павловска.

Во изјавата за медиумите првопласираниот Стефан Ѓорѓиевски информира дека ова е втор негов ораторски настап.

Инаку свој успешен настап имаа и Андреј Петровски, Ѓорѓи Шоповски и Милица Андонова.

-Ова е мој прв ораторски настап во Велес и чест ми е што настапувам на оваа традиционална ораторска  вечер. За мојот настап бев поттикнат од љубовта кон татковината и таа љубв кон неа преку моја визија за нејзината иднина сакав да ја кажам јавно пред други  и каква реакција ќе направи. Видов по нивниот аплауз дека тие го прифатија  тоа што го зборував на овој  мој ораторски настап и затоа многи сум среќен, појасни Ѓорѓиевски.

Стефан Тодевски од Унијата на млади сила на ВМРО-ДПМНЕ Велес како органзатор  на ораторска вечер за медиумите информира дека целта на оваа веќе традиционална 14 по ред ораторска вечер е да се поттикнат ораторските  вештините на младите.

-Оваа ораторска вечер се организира во чест на Петар Поп Арсов родум од селото Богомила велешко кој е еден од организаторите на ВМРО и еден од борците за независна Македонија. Целта на оваа ораторска вечер е истакнување на ораторските вештини на младите оратори. Чест и гордост ни претставува на сите нас организаторите. Јас ја организирам веќе трета година и секоја година се зголемува интересот на младите за учество, појасни Тодевски.

Вечерта беше збогатена со музички настап на Марија Анастасова од Штип - соло  и Илче Костадинов од Радовиш на клавијатури.

Охрид – Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ (LWOH) ќе добие свој детален приказ на најновото издание на „Microsoft Flight Simulator 2024“ чие објавување е најавено за наредниот месец.

Станува збор за најнов апдејт на аеродромот изработен од страна на софтверската компанија „SoFly“, која за потребите на симулаторот направи неверојатно детален приказ на аеродромот, доловувајќи ја речиси во оригинал неговата уникатна околина и пејзаж. Дополнително, со најсовремена технологија вклучени се дополнителни текстури, променливи анимации зависно за кое време од денот се работи, динамични елементи што реагираат на близината на субјектот...Пејзажот вклучува детални прикази на аеродромските објекти за реалистична симулација, највпечатлива и најдетализирана верзија на овој аеродром досега, со богато изработен ентеријер на објектите во аеродромот, како и динамичен приказ на снежни врнежи и натрупување снег во зимските месеци, како на пристапните патеки за таксирање на леталата така и на самата аеродромска писта.Ажурирањето на приказот на охридскиот аеродром на новото издание на „Microsoft Flight Simulator 2024“ чие објавување е најавено за 19 ноември, ќе биде бесплатно за корисниците на досегашните верзии на програмата.

Остани поврзан