МИА Општински пул
- 9 февруари 2026
9 февруари 2026
Кочани - Викендов во хотелот „Центробизнис“ во Виница се одржа 44-та Лозаро-овоштарска вечер, традиционална манифестација која и годинава привлече гости од Виница и регионот.
Дел од манифестацијата беше и традиционалната дегустација на вино и ракија, при што стручната комисија ги избра најквалитетните производи.
Во категоријата бели вина, првото место го освои Киро Андонов, второто Симо Стоименовски, а третото Павле Стоименов.
Кај црвените вина, за најквалитетно беше прогласено виното на Тони Велков, второто место му припадна на Емил Дончев, а третото на Петруш Ѓоргиев.
Скопје - Се реконструира улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона, информираше утрово градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
Како што се наведува во соопштението од локалната самоуправа, градоначалникот присуствувал на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
- Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но, денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор, се истакнува во пишаната изјава на градоначалникот.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 2-ри до 8 февруари со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 101 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ЈП ПОЦ.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање, велат оттаму, неопходна е поголема сообраќајна култура.
Затоа, нагласуваат, ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.