• среда, 27 ноември 2024
МИА Општински пул

5 ноември 2024

Куманово - Двајца наставници од основни училишта од Куманово нападнале ученици во два одвоени случаи, соопшти денеска кумановската полиција. Еден од наставниците пријавил дека бил физички нападнат во угостителски објект, поради претходно недоразбирање со ученик.

Вчера 17:00 часот во СВР Куманово, М.Љ.(27) – вработен во основно училиште во Куманово пријавил дека во угостителски објект бил физички нападнат од едно лице кое му се заканило и со остар предмет поради претходно недоразбирање со ученик од училиштето. Подоцна, во 21.05 часот, М.Б.(40) од Куманово пријавил дека во основното училиште во кое учи, неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставникот М.Љ.

Вчера, во 17:30 часот во СВР Куманово, Д.И.(41) од Куманово пријавил дека во основното училиште во Куманово во кое учи, неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставникот Д. Д.

Полицијата презема мерки за расчистување на двата случаи.

Струмица - Општина Струмица денеска го објави конкурсот за доделување на наградата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, која традиционално и оваа година, по повод најголемиот општински празник, ќе биде доделена  како Годишна и Награда за животно дело на Општина Струмица. 

Наградата се доделува на 11 декември како признание на правни и физички лица од Општина Струмица, Република Северна Македонија и други држави, како и на меѓународни организации и асоцијации и нивни претставници за посебни остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитувањето и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и сите други сегменти од животот, што дале посебен придонес за развој и афирмација на Општина Струмица во Македонија и пошироко. 

Конкурсот е објавен денеска и трае заклучно со 23 ноември, а повеќе информации за него може да се добијат на општинската веб страница.

Кавадарци - Дете се здобило со сериозни повреди по каснување од куче во Кавадарци. Оваа информација ја потврдиja за МИА од кавадаречката болница, од Обвинителството и од СВР Велес. За самите повреди, појасни доктор хирург Благој Митев,  началник на хирургија во болницата. 

-Се работи за сериозни повреди што не се за потценување. Станува збор за дете на околу шест години. Каснувањето беше завчера попладне, јас бев на работа кога го донесоа детето. Имаше две рани на лицето плус огреботини. Три на предниот дел од абдоменалниот ѕид, една од околу четири и две од околу по три сантиметри длабочина. На бутната регија, две поголеми рани. На потколеница, 3-4 рани и други повреди. Изготвивме медицински извештај. Требаше да биде хоспитализирано, но родителите одбија од лични причини и рекоа дека редовно ќе го носат на преврски, појасни докторот за МИА. 

Самиот по службена должност пријавил во полиција, а кога оттаму го прашале дали да се информира обвинителството, им дал позитивен одговор. 

Штип - Почна реконструкцијата на тротоарните површини на улицата „Сутјеска“, која е една од најфреквентните низ градот Штип, бидејќи води кон Градскиот пазар, но и кон поголемите населби. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека пешаците дополнително ќе бидат заштитени на тротоарните површини и со поставување на заштитни столбови.

-Овде се работат тротоарски површини и влезови на две станбени згради. Овие површини беа амортизирани и оштетени. Ставено е се ова во Програмата за уредување на градежно земјиште. Се надевам дека со уредувањето на површините пред станебните згради ќе се направи повеќе паркинг простор за возилата, кои се во сопственост на жителите од станбените згради.Повеќе од еден милион денари ќе бидат потрошени од Буџетот на Општина Штип за уредување на овие тротоарски површини, изјави Јорданов.

Тој додаде дека во Штип има градежни активности  на неколку локации во градот Штип, или какошто рече речиси во сите населени места. На терен ќе се работи се додека дозволуваат временски услови.

Велес - Градежните активности на ЈКП „Дервен“ на улица „Белградска" во Велес започнаа, а во тек е промена на старата и дотрајана водоводна мрежа и поставување на нова, информира градоначалникот Марко Колев.

Тој  најави дека  по завршувањето на градежните активности оваа фреквентна улица ќе се асфалтира.

Улицата „Белградска“ се наоѓа во високиот нов дел на Велес и е една од најдолгите велешки улици.

По промената  на водоводаната мрежа на оваа улица, од ЈКП„Дервен“ продолжуваат контунуирано со активности на замена на дотраена водоводна и канализациона мрежа  и на други велешки улици.

Воедно, повеќето  од  жителите на улицата „Белградска“, од ЈКП„Дервен“ и од Општина Велес  бараат  додека улицата  е раскопана, освен водоводната  истовремено да се промени  и дотраената канализациона мрежа.

Гостивар - Во периодот на подготовките за претстојната зимска сезона од Ресорт Маврово, најавуваат претпродажба сезонските карти за скијање во т.н. Super Early Bird понуда, која трае до 11.11.2024 година. Новите понуди ги опфаќаат и младите кои годинава ќе имаат дополнителни погодности.

Како новитет за годинава, покрај стандардните сезонски карти, Ресорт Маврово подготви пакет 1+1, односно карта за возрасен и карта за младинец или дете со попуст до 60 проценти на втората карта. Тие се во комбинација скијач + скијач или жичарница + скијач.

Од годинава во SUPER Early Bird понуда се тридневните (три последователни дена) pre-paid ски карти за возрасни, млади и деца со голем попуст. Менаџментот на Ресорт Маврово одлучи годинава во Super Early Bird цената на детската карта да изнесуваат 1.200 денари.

- Како и минатата година, сезонски карти од Ресорт Маврово повторно ќе важат три последователни дена во скијачките центри - Копаоник, Златибор, Стара Планина, Колашин и Бјелашница. За секој што поседува сезонска карта за скијање обезбедуваме и 10% попуст во Маврово и Скопје кај „Friends of Mavrovo“. На овој начин, обезбедуваме сериозни заштеди за децата и за семејствата, надевајќи се дека што повеќе деца и млади ќе скијаат во новата сезона, вели Огњан Циговски од Ресорт Маврово.

Струмица - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска беше домаќин на претставници на Амбасадата на САД во нашата земја предводени од Кели Мекејлеб офицер за политички прашања во Амбасадата и нејзините соработници. На средбата посебен акцент бил ставен на предизвиците со коишто се соочуваше и се уште се соочува Општина Струмицаво последниот месец, како што се водата за пиење и недобивањето средства за новиот градски пазар од унгарскиот кредит, информираа од локалната самоуправа.

- Претставниците на Амбасадата се интересираа, а градоначалникот Костадинов детално ги информираше за голготата со водата којашто Општината и ЈПКД „Комуналец“ ја поминаа исклучиво сами и без никаков интерес и поддршка од владините институции иако тие имаат надлежности, како и за тоа дека Струмица остана единствена општина којашто не само што не доби средства, туку остана и без писмено известување зошто е одбиена од унгарскиот кредит иако и струмичани ќе ја имаат обврската за неговото враќање. При тоа градоначалникот им ги објасни и причините за подигањето на алармот во ЗЕЛС, се наведува во информацијата од Општина Струмица.

Прилеп - Центарот за култура „Марко Цепенков“ го доби проектот за изградба на нов театар во Прилеп. Од Министерството за транспорт и врски се чека одобрение за градба, а од Министерството за култура и туризам средства за реализација во програмата за 2025 година.

-Проектантите неодамна го завршија проектот и Центарот за култура „Марко Цепенков“ располага со комплетна ревидирана проектна документација од проектот за реконструкција со доградба и надградба на објектот наменет за обезбедување простор за потребите на театарот. Всушност, станува збор за два одделни проекти по барање на Министерството за транспорт и врски: еден е за реконструкција на постојниот објект на Центарот, а другиот е за доградба и надградба на постојниот објект, изјави Марија Попова Јованоска, в.д. директорка на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Реконструкцијата на објектот се однесува на содржинско збогатување и функционално редефинирање на просторот како и подобрување на постојната физичка состојба на просторот и замена на дотраените материјали и техничка опрема, а доградбата и надградбата се однесуваат на обезбедување целосно нов простор за потребите на театарот во рамките на Центарот за култура со претходно отстранување дел од просторните целини.

Битола - На површина од 900 квадратни метри, Општина Битола почна изведба на „Памп трак”, полигон за велосипеди што ќе биде лоциран во градскиот парк, во близина на за битолчани познатото „Ќумурно” игралиште.

Станува збор за адреналинска патека која вклучува континуирана патека од нагорнини и надолнини околу кои велосипедистите можат да возат велосипеди, скејтборди, ролери и друго.

Патеката ќе понуди повеќе начини на забавно возење во безбедна и контролината средина. Вкупната вредност на проектот е 5,2 милиони денари, а средствата во целост се обезбедени од буџетот на Општина Битола, соопштија од тамошната локална самоуправа потсетувајќи дека во овој момент во градот почнувајќи од Нова Битола, се градат и велосипедски патеки.

Битола - Избришан од Централен регистер на Македонија, бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ со седиште во Битола приреди провокација во пресрет на денот на ослободувањето на градот и токму затоа доставив поднесок до Основното јавно обвинителство, изјави за МИА, Весна Бендевска, потпретседател на македонското Собрание.

Според Бендевска, провокациите на непостоечкиот, а сепак според информации во јавноста активен бугарски клуб „Ванчо Михајлов“, се насочени против националните чувства на македонскиот народ.

- Се обратив до Основното јавно обвинителство во Битола за да прашам дали државните институции можат да најдат начин на кој ќе го забранат дејствувањето на здружението на граѓани со фашистичко име. Доколку има индиции, веднаш ќе поднесам кривична пријава против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на поранешното здружение што е избришано од регистарот, изјави Бендевска.

Според Бендевска, провокацијата на непостоечкото здружение е поврзана со тврдењата искажани на настан во клубот „Ванчо Михајлов“ а пренесени во јавноста, во кои се посочува дека Војдан Чернодрински е бугарски преродбеник, а „Македонска крвава свадба“ дека е дел од бугарското културно наследство.

Остани поврзан