МИА Општински пул
- МИА Општински пул

8 април 2025
Охрид – Охридското Јавно претпријатие „Водовод“ почна со реализација на втората фаза од проектот за изградба на нов водовод и нова препумпна станица „Шипокно“.
Досега во рамки на зафатот е поставен нов цевковод со профил од 110 милиметри на потегот од Свети Стефан до Шипокно во должина од 621 метар.
Следната фаза предвидува поврзување на новиот цевковод со новата препумпна станица.
За стабилно и континуирано водоснабдување, претходно е направена и сосема нова инсталација, со пумпи „MZT 5“, „MSSI 40-4“ и друга електромашинска опрема, за потребите на новиот новиот цевковод.Средствата за овој зафат во вредност од 468.360 денари се обезбедени од буџетот на Општина Охрид.
Берово - Во чест на Светскот ден на Ромите, 8-ми Април, градоначалникот на Општина Берово утрово прими претставници на ромската заедница од основното и средното образование. Во рамки на приемот беше поставено ромското знаме, на јарболот пред зградата на Општина Берово, а беа доделени и наградите за најдобрите ученици Роми.
-Преку програмата за образование, на најдобрите ученици Роми, од основното и од средното образование, оваа година им доделуваме парични награди на Сезен Демировска за најдобар ученик од Ромска националност, од основното образование и
Хадиса Демирова за најдобар ученик од Ромска националност од средното образование, информира Пекевски.
Овој ден како што додаде е само уште еден поттик, кон зајакнување на меѓуетничката соработка и градењето на мултиетничко општество, а постигнатите резултати, претставуваат мотив за понатамошен заеднички ангажман, кој ќе се стреми кон подобрување на повеќе аспекти од животот на Ромите.
-Со целосна почит кон припадниците на ромската етничка заедница, го честитам Меѓународниот ден на Ромите- 8 Април, еден од најважните датуми во историјата на овој народ и ги упатувам моите пораки за добро здравје, среќа, љубов, мир, успех и многу позитивна енергија. Водени од големата европска идеја ,,Обединети во различностите” и понатаму продолжуваме во надминување на проблемите и постигнување на целта, едно општество за сите и сплотени ги остваруваме приоритетите на ромската заедница, додаде Пекевски.
Општината како што најави континуирано, вложува средства за реализација на проекти, од комунална и патна инфраструктура, подобрување на социјално економската положба, олеснување на образовниот процес, урбанизација, легализација, домување, водовод и канализација, при што се овозможува елиминација на разликите, на тој начин подобруваме животот на Ромите во Берово.
Кратово - Со креативна работилница за млади, низ експресија и заедничко создавање уметност и литература посветени на ромската историја и култура, денеска напладне во Кратово ќе биде одбележан Меѓународниот ден на Ромите.
Креативната работилница ја организираат Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација (RROMA) и Eвропска куќа Крива Паланка, во соработка со Дом на култура – Кратово и Музеј на град Кратово.
Организаторите најавуваат програма за интерактивно учење, уметничка експресија и заедничко создавање, со цел поттикнување на интересот на младите за ромската историја и култура.
Настанот ќе се одржи пред хотелот "Кратис", со почеток во 12 часот, а од Европската куќа Крива Паланка информираат дека предвидено е одржување интерактивна презентација за историјата и културата на Ромите преку инспиративно раскажување на бројни успешни млади Роми, запознавање на учесниците со значајни моменти од ромската историја и култура и тестирање на нивното знаење преку забавен квиз.
Ќе биде поставена изложба посветена на ромската култура, прикажувајќи ја богатата историја, традиција и уметност на Ромите, а младите ќе можат да учествуваат директно во: изработка на уметничка инсталација – создавање скулптура инспирирана од ромската култура и историја, креирање колективно уметничко дело, сликање и цртање мотиви од ромската традиција и современост, како и создавање и читање поетски и прозни текстови инспирирани од ромската историја.
На работилницата ќе учествуваат млади луѓе од повеќе градови од североисточниот регион.
Гевгелија - Во Гевгелија, вечер, ќе биде промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на Кире Јанишлиев, издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во весникот „Нова Македонија“, соопштија од Општината.
Модератор на промоцијата е Сара Јанишлиева, а обраќања ќе имаат Тони Аврамов и Бобан Хусеновски, додека интерпретацијата на текстовите е на Петар Јанчев. На промоцијата со музички изведби ќе се претстават ученици од ООМУ „Васо Карајанов“од Гевгелија.
Кире Јанишлиев (1951) е роден во Гевгелија, каде завршува основно и средно образование. Во 1975 година, дипломира на Факултетот за политички науки - група Новинарство, на Универзитетот во Белград. Својот работен век го остварува како новинар во Радио „Гевгелија“ и „Нова Македонија“ и административен службеник во Општина Гевгелија. Добитник е на наградата „Крсте Мисирков“, највисоко државно признание во новинарството што го доделува ЗНМ за најуспешни новинарски трудови во печатот (1977), како и наградата „Нова Македонија“ за едногодишна новинарска дејност (1988). Јанишлиев е основач и уредник на првиот независен весник во Гевгелија „Гевгелиска јавност“ (1994-1996), уредник на весникот „ЗИК Винојуг“ (1975-1978), како и повеќегодишен уредник на месечникот „Гевгелија инфо“ (2004), којшто подоцна се преименува во „Гевгелиски магазин“ во издание на Општина Гевгелија. Исто така, автор или уредник е на првата монографија „Гевгелија“, монографијата „Гевгелија 130 години град“, монографијата „Општина Гевгелија 2009“ и „Флора и фауна во Општините Гевгелија и Разлог“ во издание на Општина Гевгелија.
Издавањето на книгата „Гевгелија порта кон Европа“ е финансиски поддржано од Општина Гевгелија преку Програмата за програми и проекти од областа на културата за 2025 година, а промоцијата е дел од априлската програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Куманово - Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска и утре ќе се одржи четвртиот семинар за традиционална музика и игра „Глобалното кај локалното“. Семинарот почнува во 18 часот во големата сала на Центарот. Целта е афирмација на традиционалната култура, запознавање и доближување до младата популација, афирмацијата на младите уметници, како и стручни усовршувања на носителите на дејноста.
-Годинашниот семинар „Глобалното кај локалното“ ќе биде вистинско доживување за младата популација во Куманово и пошироко. Дебата, дискусија, методологија, критика ќе биде основата на овој семинар. Што значи орото Поступано за северното играорно подрачје, гајдата како инструмент во Брсјачката етнографска целина, што значи групата Костурчанки, празникот „Четересе“ во градот Штип, што значи да се обработи и постави обред на сцена, се едни од темите за дискусија на првиот ден од семинарот. Накратко, глобалните сегменти како влијаат на локалните, изјави етнокореологот Дени Синадиновски.
Во вториот, практичниот дел на семинарот, ќе бидат обработени најкарактеристичните ора од сите пет игроорни подрачја Копачка, Беранче, Тешкото и Поступано. Семинарот за традиционална музика и игра ќе понуди од базични етнолошки и етнокореолошки информации до врвни научни дострели по прашање на овие науки.
Семинарот изминатите години ги опфати темите „Од Средорек до Дурачка Река“, „Шопци/Которци“ и „На куде Скопје“. Реализацијата е поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес.
Скопје - Поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од Општина Аеродром и Карпош, соопшти РЦУК - Скопје.
Во периодот од 09:00 до 11:00 часот без струја ќе останат корисниците од Горно Лисиче во делот од „биолеб“ до половни Автоделови „VOLKSWAGEN АЛЕК“ во Општина Аеродром.
Во периодот од 09:30 до 12:30 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците од улицата „Козле“ од бр.135 до бр.170 во Општина Карпош.
Поради промена на затварач ф 2“ на ул. „Црвена Скопска Општина“ бб, денеска без вода ќе останат корисниците од оваа улица, Министерството за транспорт и околните деловни објекти во Општина Центар. Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ке биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул. „Дренак“ бр. 2а од 09:00 часот без вода ќе останат корисниците од ул. „Дренак“ и „Јужен Булевар“ во Општина Кисела Вода.
Поради дефект на улична цевка од ф 200мм на ул. „Славејко Арсов“ бр.15 од 09:00 часот без вода ќе останат корисниците од ул. „Славејко Арсов“ бр.15 во Општина Центар.
Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул. „Максим Горки“ бр.14 од 09:00 часот без вода ќе останат корисниците од истата улица во Општина Центар.
Скопје - Поради дефект на улучна цевка од 80мм, без вода од 10 часот се корисниците од улиците 8 , 10, 12, 14, 16 и 18 во Радишани, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.
Водоснабдувањето ке биде прекинато до санирање на дефектот.