• среда, 27 ноември 2024
МИА Општински пул

25 октомври 2024 

Дојран - Одговорноста за нефункционирањето на Хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро е во Министерството за животна средина, а не во Општина Дојран. Министерството за животна средина е надлежно и одговорно за управување, финансирање и функционирање на овој хидросистем, објави денеска на својот фејсбук профил градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, по повод објави, пишувања и загриженост од страна граѓани за намалувањето на нивото на водата Езерото.

Во неговата објава се додава дека Општина Дојран во повеќе наврати има испраќано барања во кои се наведува итноста за пуштање во употреба на Хидросистемот „Ѓавато“.

-Се одржаа и неколку состаноци на кои се утврди дека е прво потребна реконструкција, па пуштање на истиот во функција, а за сето ова беше потребно да се обезбедат средства со ребалансот на Министерството за животна средина, но со ребалансот во август месец оваа година истото не беше направено. Поради тоа, подготвена е и информација до Владата со која очекуваме да наидеме на разбирање и во најбрз можен рок да се стави точка на дневен ред и по истата да се донесе одлука со која ќе се наложи на Министерството за животна средина да се алоцираат средства за реконструкција и пуштање на хидросистемот во употреба, наведува Ангов.

Штип - Со кревање на фестивалското знаме и официјално почна 39.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Знамето го крена пејачот Таско, кој со Малена лани ја испееја песната „Сафир“, а која според радиодифузерите е најслушана песна во текот на годината. Уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов на денешната прес-конференција рече дека вечерва на сцената ќе се слушнат 14 нови песни. Посочи дека изведувачите на оваа вечер не се сите дебитанти.

-Дел настапиле на „Макфест“ и на други фестивали имаат некоја кариера. Меѓутоа сметаме дека не се доволно афирмирани, иако пред нив веројатно престои голема кариера, како обично бива поголем дел од нив ќе имаат кариера од неколку децении, а некои од нив за можеби за неколку години ќе фатат друг правец и веќе нема да се занимаваат со естрада. Меѓутоа наша искрена желба е сите што учествуваат на „Макфест“ оваа и секоја следна година  да имаат голем допринос на македонската музичка сцена, вели Саздов.

Александар Арсовски продуцент од Општина Штип вели дека за реализација на „Макфест“ се работи цела година и се е завршено за да вечерва ја имаме и првата фестивалска вечер.

Куманово - Сопствениците на хаварисани возила од Куманово ќе имаат можност, бесплатно да го транспортираат возилото до лиценциран отпад за железо, соопштија денеска надлежните од општината. Акцијата ќе почне на 28 октомври годинава (понеделник) и ќе трае наредните триесет дена.

- Општина Куманово заедно со Куманово паркинг и СВР Куманово ќе спроведе акција за отстранување на хаварисани автомобили кои не се во возна состојба и со години зафаќаат јавни површини и паркинг простор. Од тие причини ве известувам дека во наредниот период започнувајќи од понеделник, 28 ми октомври па следните 30 дена сите сопственици на хаварисани автомобили со службите на ЈП „Куманово Паркинг“ бесплатно да го транспортираат возилото до лиценциран отпад за железо. Сопственикот на автомобилот треба да биде присутен на проценката и за истото возило ќе си добие паричен надоместок, изјави претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

Делчево -  Делчевскиот градоначалник Горан Трајковски преку соопштение денеска ги информираше граѓаните дека е завршена реализацијата на најголемиот проект во историјата на општината „Проектот за подобрување на водоснабдувањето на Делчево“. 

Овој проект како што истакна Трајковски е негова најголема сатисфакција како градоначалник, на кој  посветено, одговорно и со срце за граѓаните се работеше во изминатите шест години, градејќи го еден од најсовремените системи за водоснабдување.

-Затоа во мое лично име и во име на граѓаните на Општина Делчево изразувам огромна благодарност до Швајцарската конфедерација и до сите оние кои активно беа вклучени во реализацијата на овој огромен капитален проект, истакна Трајковски.

По тој повод, за в понеделник (28.10.2024), Општина Делчево го најави завршниот настан на „Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево“.

Куманово - Раната дијагностика е клучна во борба против ракот на дојката, поголеми се шансите за третман и лекување, повикаа лекарите на трибината што се одржа во занаетчискиот дом во Куманово. Целта е да се подигне свеста за важноста за рано откривање на рак на дојка, жените да се пријават за скрининг, да се ослободат термините за пациентките кои имаат симптоми.

-Секоја осма жена во светот ќе заболи од рак на дојка. Конкретна превенција немаме тоа би требало да биде некаква вакцина, наша задача е да ги поттикнеме да се пријават за скрининг. Ризични се пациентките од 40 до 69 години и тие се вклучени во скринингот, изјави доктор Маја Јакимовска Димитровска.

Надлежните со нови статистички методи преку институтот за епидемиологија прават посебни испитувања за откриени жени во рамки на скринингот. Станува збор за пациентки кои немаат симптоми, анализата која досега отсуствуваше.

Скопје - Изградбата на фекална канализација во населба Илинден во месноста викана Плац, која е со вкупна должина од 4200 метри, пришто ќе бидат поставени и препумпни уреди, се одвива според предвидената динамика, информираат од Општина Илинден.

Од Општината велат дека станува збор за најчуствителната фаза и најтешката за изработка од проектот, бидејќи во неа ќе се вршат бушења за изведба на трасата за фекална канализација, под автопатот Скопје-Куманово и под меѓународната железничка пруга.

-Тековните работни активности се интензивни каде внимателно се поставуваат најпрвин заштитните метални цефки, а потоа во нив се вметнуваат и цефките за фекална канализација. Во оваа фаза дополнителни ќе се градат и двата препумпни уреди кои се дел од проектот како и се работи и на завршување на два помали краци од примарната фекална канализациона мрежа. Оваа фекална канализација од овој дел на населба Илинден, ќе се поврзе со веќе изградениот колекторски систем за фекална канализација, кој е поставен на двете страни на главниот отворен канал кој минува низ населените места Илинден и Марино и фекалните води ќе се спроведат до излезот на насленото место Марино каде ќе отпочнеме активности за изградба на нова печистелна станица која ќе ги пречистува отпадните води, се вели во соопштението од Општина Илинден. 

Тетово - Започна реконструкцијата на улицата „Борис Кидрич“ која општината одлучила да ја направи булевар. Улицата ќе има посебни сообраќајни ленти, пешачка и велосипедска патека, а реконструкцијата ќе изнесува околу 12 милиони денари.

-Се работи за модерна инфраструктура и нов концепт на патната инфраструктура на градот каде ќе имаме пешачка патека  во средината на булеварот, а сообраќајот ќе се одвива од двете стани на патеката. Концептот е овој дел од булеварот да биде продолжување на градскиот плоштад. Од двете страни на пешачката патека предвидено е да има зеленило, патека за велосипеди и тротоар на рабовите од сообраќајницата. Ако не послужат временските услови, булеварот треба да биде завршен за 4 месеци. Целата инвестиција ќе се реализира во две фази, првата е 5 милиони денари и опфаќа подготвителни работи и тампонирање и втората фаза асфалтирање која ќе чини околу 7 милиони денари, изјави Касами.

За реконструкцијата на улицата ќе се исечат триесетина големи иглолисни и листопадни дрва кои оваа улица ја правеа најзелена во градот. Касами вели дека морало да се сечат бидејќи биле стари.

Скопје - Од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје информираат дека во текот на вчерашниот ден, екипи на претпријатието отстраниле 65 кубни метри отпад од диви депонии. Отстранетиот отпад се наоѓал на територија на општините Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.

- Интервенирано е на булеварот „Александар Македонски“, како и на улиците „Џон Кенеди“ и „Крсте Асенов“ во општината Чаир, каде што се подигнати 15 кубни метри непрописно одложен градежен и кабаст отпад, потенцираат од претпријатието.

Расчистени биле и две диви депонии во Ѓорче Петров, лоцирани на улицата „Никола Парапунов“. Притоа, отстранети биле 15 кубни метри отпад.

- Екипите на претпријатието имаа активности за расчистување и на обемна дива депонија лоцирана на паркингот на спортската сала „Борис Трајковски“. Притоа, подигнати се 20 кубни метри претежно кабаст отпад. Расчистени се и приближно 15 кубни метри отпад од картонска амбалажа, одложен на јавни и сообраќајни површини во непосредна близина на „Зегин“ на скопски Бит Пазар, како и на повеќе локации во населбата Кисела Вода, се додава во соопштението.

Остани поврзан