• недела, 24 ноември 2024

МЗШВ: Владата го усвои Предлог-законот за рибарство и аквакултура

МЗШВ: Владата го усвои Предлог-законот за рибарство и аквакултура

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за рибарство и аквакултура.

Со овој предлог-закон се уредуваат риболовните води и  риболовот, управувањето и користењето на рибите и другите водни организми, аквакултурата, заедничкото уредување на пазарот на производите од рибарство и аквакултура, надлежните тела, заштитата на рибите и другите водни организми, надомест на штета и право на отштета, порибување и производство на порибителен материјал, како и други прашања кои се од значење во областа на рибарството и аквакултурата.

-Новиот Предлог-закон за рибарство и аквакултура се усогласува со законодавството на Европската Унија во делот на заедничкото уредување на пазарот на производите од рибарство и аквакултура, следливоста, како и увозот на производите од рибарство. Како предности од донесувањето на новиот предлог-закон за рибарство и аквакултура е поедноставувањето во доделувањето на користење на рибите за комерцијален и рекреативен риболов. Потоа, исто така, се поедноставува постапката на регистрација за аквакултура, на мрестилишта, се врши изземање на одредби кои се уредени или ќе се уредат во други закони, како и се врши усогласување на дел од регулативите на Европската Унија за Поглавје 13 - Рибарство што, според географската поставеност на државата, треба да ги исполни Северна Македонија, наведува МЗШВ.

Министерството во соопштение наведува дека се очекува новиот предлог-закон да ја подобри правната рамка преку појасни, попрецизни и поедноставни одредби поврзани со доделувањето на користење на рибите и другите водни организми, одгледувањето на рибите и пласирањето на производи од рибарство и аквакултура на пазар.

-Токму преку последниот европски извештај за напредокот во преговорите на нашата држава, поглавјето 13 – Рибарство и аквакултура се оценува со добра оценка, каде е нотиран постигнат напредок во услогласување со стандардите на Унијата, а токму подготовката и донесувањето на овој предлог-закон е едно од нотираните напредувања, информира МЗШВ. хс/лв/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан