• среда, 25 декември 2024

Меџити: ДУИ се трансформира во нешто што и ние што сме од почеток не можеме да го препознаеме

Меџити: ДУИ се трансформира во нешто што и ние што сме од почеток не можеме да го препознаеме

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - ДУИ се трансформира во нешто што и ние што сме од почеток не можеме да го препознаеме. Не очекувавме дека и претседателот ќе подлегне под вакво влијание, истакна предводникот на таканаречената огнена група, пратеникот од редовите на Демократската унија за интеграција, Изет Меџити на вечерашното гостување на „Тема на денот“ кој се емитува по вечерните вести на „Сител“ телевизија.

Во однос на прашањето дали оваа битка во ДУИ се води за тоа кој ќе биде идниот претседател на ДУИ и ќе го наследи Али Ахмети, тој рече дека во никој случај не се разговарало за такво нешто.

- И внатре во дебатата што сме ја воделе во претседателството, по медиумите, по собирите, значи цело време сме укажале на тоа дека немаме никаков проблем со лидерот Ахмети, туку имаме проблем со неговата одлука за изборот на овој владин состав којшто мислиме не е најдобриот состав што може Демократската унија за интеграција да го понуди, посочи Меџити.

Можноста за предвремени избори ја оцени како непотребна и рече дека сега се фокусирани во внатрешната борба во ДУИ бидејќи, како што рече, сакаат да се исправат пред да ги исправи народот.

Меџити посочи дека Груби и Османи и покрај тоа што имаат други позиции сакаат да се фалат со други работи и се рекламираат со инфраструктурата на патиштата. Тој потсети дека тие пет години не можеле да го завршат патот во Блаце и рече дека истото се случува и со патот Кичево-Струга, којшто е дел од Коридорот 8.

- Како да им веруваме на истите луѓе коишто пет години не можат да направат пат Скопје-Блаце од 14 километри, а сега зборуваат за Коридорот 8, рече тој.

На прашањето дали би очекувал да биде сменет од функцијата потпретседател на партијата, Меџити рече дека веќе може се да се очекува.

Поврзано со можните коалиции во иднина, со оглед на тоа што во последниот мандат, како што наведе, секој со секого можеше да направи коалиција, наведувајќи го примерот со ДУИ и Алијанса за Албанците кои успеаја да влезат во коалиција и покрај тоа што порано беа во остри позиции, Меџити даде зелено светло за евентуална соработка и со другите партии кои во моментов се во опозиција.

Тој ги коментираше и резултатите од последната анкета на којашто со популарност Меџити се наоѓа на трето место после Али Ахмети и Арбен Таравари, додека вицепремиерот Артан Груби е во сосема спротивната страна, односно предничи со непопуларност кај албанската популација, велејќи дека тоа се случува и покрај моќта што му е дадена на Груби во партијата и воопшто во државата.

- Мислам дека во политиката вредиш додека имаш гласови, додека имаш доверба. Во овој случај се работи за човек што нема никаква доверба и со тоа му штети на имиџот и на Демократската унија за интеграција и на лидерот Ахмети, истакна Меџити.

Како објаснување на изворот на сегашните внатрепартиски проблеми, појасни дека датираат уште од формирањето на Владата во 2020 година и истакна дека Груби и другите не биле легитимирани за време на изборите и не поминале низ партиските органи и филтри на Централниот одбор на партијата. сх/аа/

Фото: Фејсбук (Сител ТВ)

Остани поврзан