Меморијален планинарски марш „Сашо Костадиноски“ утре на планината Гољак
- Планинарско-еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево, во сеќавање на својот прерано починат член, планинар и другар Сашо Костадиноски, утре ќе го организира Mеморијалниот планинарски марш на п
Кичево, 24 јули 2021 (МИА) - Планинарско-еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево, во сеќавање на својот прерано починат член, планинар и другар Сашо Костадиноски, утре ќе го организира Mеморијалниот планинарски марш на планината Гољак.
Гољак е планина со средна височина, се наоѓа во кичевскиот регион и ги раздвојува селата од Копачијата и од Бржданска река. Највисокиот врв на оваа планина е Веливрв, со 1535 метри надморска височина.
-Собирањето на учесниците ќе биде пред селската црква во Горно Брждани во 6.30 часот, додека стартот на маршот е закажан за 7 часот. По двочасовно пешачење, групата треба да пристигне кај шумската куќарка кај Преслап на 1270 метри.н.в., каде следи пауза од 20 минути. Оттука во 9.30 часот е поаѓање кон врвот и околу 11 часот планирано е искачување на Веливрв. По едночасовна пауза, одмор и фотографирање се враќаме назад во Горно Брждани, каде за сите учесници на маршот е организиран заеднички ручек војничко гравче, информираа од ПЕД „Ендорфин“.
Должината на патеката во еден правец изнесува 6,5 километри, а учесниците на маршот во двата правци ќе треба да изодат околу 13 километри и совладаат висинска разлика од 680 метри.
Од планинарското друштво предупредуваат дека иако маршот се одвива на отворено, сепак сите учесници треба да ги почитуваат мерките пропишани со протоколот за заштита од Ковид-19 и во секој момент меѓусебното растојание да не биде помало од 1-1,5 метри.за/бт/