Мелони ја повтори поддршката за Киев
- Мелони денеска ја повтори својата поддршка за легитимното право на Киев и Украина да го бранат својот територијален интегритет, објавија италијанските медиуми.
Рим, 17 декември 2024 (МИА) - Мелони денеска ја повтори својата поддршка за легитимното право на Киев и Украина да го бранат својот територијален интегритет, објавија италијанските медиуми.
-Систематските руски акции насочени против украинската енергетска структура пред доаѓањето на зимата се многу загрижувачки.
Крајот на војната и изградбата на траен и праведен мир остануваат цели на Италија, рече премиерката во говорот во парламентот, додавајќи дека нејзината земја продолжува да ги поддржува европските мисии во овој поглед, објавија италијанските медиуми.
Таа се осврна и на кризата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека вистински мир меѓу Израел и палестинското движење Хамас може да се постигне само преку решение со две држави. „Палестинската национална управа е единствениот можен соговорник и Европа мора да има водечка улога во разговорите, рече Мелони.
Таа, исто така, ја нагласи посветеноста на Италија во Либан, посочувајќи дека примирјето постигнато меѓу Израел и Хезболах е важен чекор напред на кој владата во Рим континуирано е посветена.
Премиерот на Италија зборуваше и за ситуацијата во Сирија, посочувајќи дека Италија е единствената земја од Г7 чија амбасада во Дамаск е отворена.
-Подготвени сме да се ангажираме со новото сириско раководство во контекст на заедничките акции со европските и меѓународните партнери, рече Мелони. мс/
фото: ЕПА