МД „Илинден“-Тирана апелира до Општина Пустец под итно да побара од албанската влада изземање од планот за отворање центри за мигранти
- Во соопштението, „Илинден“ наведува дека „остро се спротивставува на отворањето мигрантски центри на територијата на општина Пустец, во административната единица Зрноско и на спортските игралишта во Пустец и во селото Долна Горица“.
Дебар, 9 февруари 2026 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана апелира до општина Пустец, како што соопштува, „под итно да побара од Владата во Тирана, изземање на Општина Пустец од државниот план за отворање центри за мигранти и да застане во заштита на интересите, безбедноста и иднината на своите граѓани'.
Во соопштението, „Илинден“ наведува дека „остро се спротивставува на отворањето мигрантски центри на територијата на општина Пустец, во административната единица Зрноско и на спортските игралишта во Пустец и во селото Долна Горица“.
- Сметаме дека ваквата одлука е донесена без претходна консултација со локалното население, без организирање јавна расправа и без почитување на правата и интересите на Македонците во општина Пустец. Како друштво нема да молчиме пред одлуки кои се носат на штета на автохтоното македонско население во општина Пустец и ќе продолжиме јавно, доследно и одлучно да ги брани нивните права - стои во соопштението, потпишано од претседателот на МД „Илинден“ - Тирана Никола Ѓурѓај.
Против изградба на прифатни центри за мигранти на територијата на Општина Пустец, реагираа МД „Илинден“-Тирана, здружението „ВМРО ДПМНЕ – Албанија“ и Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која поднесе и тужба до Управниот суд во Тирана против Владата на Албанија. вт/лв/
фото: МИА архива