• недела, 24 ноември 2024

МВР со активна транспарентност од 95,7 отсто за 2024 и скок за седум места во однос на лани

МВР со активна транспарентност од 95,7 отсто за 2024 и скок за седум места во однос на лани

Скопје, 14 август 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи бележи напредок во годишниот извештај за Индексот на активна транспарентност за 2024 година, односно од 87, 5 отсто за 2023 година на 95,7 отсто за 2024 година.

Како што информира ресорното министерство, МВР е рангирано во најдобрата група со скок од седум места, во рангирањето на министерствата според активната транспарентност.

- Нашата цел како Влада и министерство е да ја унапредуваме полицијата во отворена, отчетна и транспарентна институција пред Вас граѓаните. А преку активната соработка со медиумите да може да се презентира и нашата намера за постојано градење на доверба помеѓу полицијата и граѓаните. Кога намерата е искрена и чесна, резултатите се позитивни, а граѓаните тоа го препознаваат, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од МВР појаснуваат дека под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која, како што наведуваат, се наоѓа, пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт. мд/са/

Фото: МВР 

 

Остани поврзан