• недела, 24 ноември 2024

МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагирал на пријава за насилство во случајот со фемицид во Гостивар

МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагирал на пријава за насилство во случајот со фемицид во Гостивар
Скопје, 23 октомври 2020 (МИА) - Министерството за внатрешни работи покренало постапка против полицаецот, кој не реагирал на пријавата за насилство за случајот со фемицид во Гостивар, откако тоа со претставка го побара Хелсиншкиот комитет за човекови права. -Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во одговорот на претставката од Хелсиншки комитет за човекови права за третиот фемицид годинава наведе дека веднаш откако синот дознал за семејното физичко насилство врз мајка му сторено од неговиот татко, истата вечер во 21:30 го пријавил случајот кај полицискиот службеник на влезот во дежурната служба, велат од Хелсиншки. Полицискиот службеник му побарал телефонски број на синот, му дал насока да биде во близина на куќата на неговите родители и да чека телефонски повик од него. Сето ова поради тоа што сите служби на ПС од ОН Гостивар биле ангажирани за претрес во село Здуње. Вечерта синот разговарал телефонски со полицискиот службеник, кој поради тоа што било многу доцна му сугерирал следниот ден заедно со мајка му да го пријават таткото за семејното насилство. Утрото околу 6 часот, синот дознал дека таткото ја убил мајката со секира и веднаш го пријавил случајот во ПС од ОН Гостивар. -Оваа рекапитулација на настаните е дел од одговорот на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР, на претставката на Хелсиншкиот комитет за фемицидот во Гостивар, кој во септември ја потресе јавноста. За овој, инаку трет фемицид годинава, Платформата за родова еднаквост веднаш алармираше дека и покрај постоењето на сознанија и пријави за насилство, институциите не реагирале навремено, нагласува Хелсиншки. Во соопштението се вели дека внатрешната контрола на МВР утврдила дека наводите во нивната претставка се основани, откако биле извршени непосредни и објективни проверки, биле собрани потребни известувања и бил извршен увид во целокупната документација. -Поради тоа што полицискиот службеник од ПС Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот поднел Иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така Одделот за внатрешна контрола поднел и Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, нагласува Хелсиншки. Додава дека иако е за поздравување брзата реакција на Министерството за внатрешни работи за испитување на постапувањето на полициските службеници во овој случај, сепак Министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции. Според истражувањата во нашата земја,  во повеќе од 80 проценти од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер. -Во случаи кога семејното насилство не се пријавува или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, како во конкретниот случај во Гостивар, многу поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид, додаваат од Хелсиншки. ац/

Остани поврзан