• среда, 13 ноември 2024

,,Мајчиниот јазик тоа сум јас", едукативна работилница во библиотеката ,,Феткин" во Кавадарци 

,,Мајчиниот јазик тоа сум јас

Кавадарци, 21 февруари 2024 (МИА) - Мајчиниот јазик е големо богатство. Ова беше меѓу другото кажано на денешната едукативна работилница ,,Мајчиниот јазик тоа сум", посветена на 21 февруари, интернационалниот ден на мајчиниот јазик, реализирана во градската библиотека ,,Феткин" во Кавадарци, заедно со ученици од средното училиште ,,Ѓорче Петров". 

- Се истакнува значењето на мајчиниот јазик, преку изјави и стихови. Да си го чуваме и негуваме мајчиниот јазик, бидејќи тоа е нашиот идентитет, порача директорот на библиотеката, Петар Гурев. 

Учениците споделија дека јазикот е најголемо духовно културно наследство и мораме да го чуваме како нешто најсвето, зашто предците во мошне тешки и неповолни историски околности се избориле за правото на употреба на својот јазик, за докажување на неговата посебност. Мајчиниот јазик, нагласија,  е потврда за сопствениот идентитет, за припадноста кон едно парче земја, за долгот што го имаме кон нашите прадедовци.

- Што е мајчин јазик?  Тоа е јазикот кој прв го учиме во нашите семејства. Тоа е, пред сè, јазикот што мајка ти ти го шепоти над лулката. Јазикот на кој ги учиш твоите први семејни врски. Јазикот на кој се сеќаваш на првите детски навреди и пофалби. Јазикот на кој ги учиш првите букви и откриваш кој си навистина, подвлекоа тие со емоции, посочија средношколците. 

Мајчиниот јазик, е, нагласија,  оној на кој најдобро се изразуваме, на кој најдобро зборуваме и пееме. 

- Мајчиниот јазик е оној на кој најдобро се додворуваме и ги пишуваме најубавите љубовни песни. Мајчиниот јазик е тој на кој се кажуваат најсмешните шеги. Мајчин јазик е она што го мислиме. Мајчиниот јазик е тој, на кој ќе ги кажеме и првите и последните зборови. Мајчиниот јазик е тој од кој не се срамиме, споделија средношколците. 

Менторот на учениците, професорот по македонски јазик, Влатко Тасев потсети за МИА на Декларацијата за културна различност, која УНЕСКО ја издаде 1999 година, а во која е наведено дека „Секој човек мора да може да изразува и создава дела на јазикот што го сака, особено на неговиот мајчин јазик“.

- Оттогаш, секоја година во февруари, ширум светот се слави Меѓународниот ден на мајчиниот јазик како еден од заедничките симболи на еднаквост на сите народи. Овој датум е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност, додаде Тасев. 

Од настанот беше упатена пораката, дека јазиците се најмоќен инструмент за зачувување и развивање на материјалното и културното наследство. свд/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан