• сабота, 23 ноември 2024

Масовни протести во повеќе израелски градови, демонстрантите побараа предвремени избори

Масовни протести во повеќе израелски градови, демонстрантите побараа предвремени избори

Тел Авив, 30 јуни 2024 (МИА) - Во Тел Авив, Ерусалим и други израелски градови вчера се одржаа масовни демонстрации од кои израелската влада беше повикана да прифати договор за размена на заложници и да одржи предвремени избори, а протестите беа проследени со судири со безбедносните сили и насилни апсења, пренесоа израелските медиуми.

Организаторите на демонстрациите во Ерусалим потврдија за Тајмс оф Израел дека синоќа присуствувале на апсењата на четворица демонстранти со употреба на прекумерна сила.

Вчерашните протести, помасовни и побурни од обично, се одржаа со барања да се прифатат напорите на Соединетите Американски Држави за повторно започнување на преговорите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас и со зголемен бес насочен кон премиерот Бенјамин Нетанјаху кој изминатата недела изјави за десничарскиот канал 14 дека е подготвен само на „делумен договор“ кој би им дозволил на израелските сили да продолжат со борбите во Појасот Газа.

Во Ерусалим, на протестот одржан на Плоштадот Париз пред официјалната резиденција на премиерот Нетанјаху, еден полицаец пцуел и се заканувал на демонстрантот кој го уапсил, велејќи му со пцовки дека ќе му „силува мајка“, наведува Тајмс оф Израел.

Израелската полиција го коментираше овој инцидент нарекувајќи го демонстрантот „провокатор“, но исто така изјави дека однесувањето на полицаецот „не одговара на очекуваното однесување на секој полицаец, дури и во турбулентни ситуации како овие“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан