• недела, 24 ноември 2024

Маричиќ: Не сме должни да присуствуваме на отворање на секоја приватна иницијатива

Маричиќ: Не сме должни да присуствуваме на отворање на секоја приватна иницијатива
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска кажа дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, ниту, пак,  делегација на СДСМ и владина делегација. Тој потенцираше дека како држава имаме зацртано пат за отворање на официјален македонски клуб и кога ќе се отвори таков - ќе бидат таму. - Ова е приватна иницијатива. Секој чекор во таа насока треба да придонесе за намалување на тензиите и отворање на можностите за соработка. Ќе видиме дали овој клуб ќе има таков ефект. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но ние не сме должни да присуствуваме на отворањето на секоја иницијатива, рече Маричиќ за „Студио 10“ на ТВ24. Тој појасни дека се уште немаат информација кој стои зад иницијативата во Благоевград и што е нејзината цел и додаде дека подобро е институционално да ги водиме работите. - Сметам дека е подобро преку институциите да ги водиме работите. Ние веќе имаме официјален центар во Софија и да направиме таков во Благоевград. Вчера излегоа некои информации и доколку е истата иницијатива, да не забораваме дека таа беше структура која што беше жестоко против референдумот во 2018 и против Преспанскиот договор. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но не сме ние должни да присуствуваме на секоја иницијатива. Вапцаров е ценет уметник и книжевник и не може да се спореди со цар Борис или Ванчо Михајлов, рече Маричиќ во врска со организаторите на отворањето на македонскиот клуб во Бугарија. Маричиќ истакна дека целта била да се потпише Договорот за ФРОНТЕКС македонски јазик. -Четири години не можевме да го потпишеме затоа што Бугарија изразуваше резерва за формулацијата македонски јазик и бараше формулацијата да гласи македонски јазик согласно Уставот. Ние не го прифативме тоа. Наша цел воедно беше бугарскиот став да не стане европски, рече вицепремиерот. нд/лв/

Остани поврзан