• вторник, 19 ноември 2024

Маричиќ: Водиме социјална политика која има исти цели како европската

Маричиќ: Водиме социјална политика која има исти цели како европската
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Социјалната политика што ја води Владата е во насока на постигнување на целите на социјалната и солидарната политика на ЕУ, истакна денеска вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ на денешниот објаснувачкиот состанок за Поглавје 19 - „Вработување и социјална политика“ во Брисел. - Остануваме посветени на создавање еднакви можности за сите, на забраната на дискриминација, по која било основа и на зајакнување на социјалниот дијалог. Правична распределба е основна појдовна точка за социјалната политика на Северна Македонија и ЕУ, рече Маричиќ. Вицепремиерот, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, во своето обраќање посочи дека во областа на вработување и социјална политика, Северна Македонија континуирано се усогласува со релевантното законодавство на ЕУ и во институционалните капацитети, што е потврдено во последниот годишен Извештај на Европската комисија. - Ги зголемивме бенефициите за социјална помош и продолживме со спроведувањето на мерките за ублажување за справување со социо-економското влијание на пандемијата од Ковид-19, истакна Маричиќ. Во своето обраќање тој се осврна и на последните мерки и позитивен чекор на Владата за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на нееднаквоста, со зголемувањето на минималната плата, од која директен бенефит имаат 17 проценти од работната сила. Маричиќ најави и дека Владата подготвува нов Закон за работни односи кој е усогласен со релевантното законодавство на ЕУ и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, додавајќи дека се подготвуваат измените и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување од невработеност, за воведување на гарантен механизам за заштита на правата на вработените во случаи на неликвидност на работодавците, согласно релевантната директива на ЕУ (2008/94/EC). Тој посочи дека во однос на подобрување на политиките за недискриминација на локално и национално ниво, како и подобрување на механизмите за заштита и собирање статистички податоци донесена е нова стратегија за родова еднаквост, Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година, која е една од постигнувањата во оваа област. Препознавајќи ја важноста од одржување на високи и соодветни стандарди во областа на здравјето и безбедноста при работа, вицепремиерот Маричиќ пред Европската комисија нагласи дека Северна Македонија подготви нова Стратегија за безбедност и здравје при работа 2021-2025 и придружен Акционен план 2021-2023, во кои е земена предвид Стратешката рамка на ЕУ за безбедност и здравје при работа 2021-2027 година. - Новата Национална стратегија за вработување 2021-2027 година, која е донесена со Акциониот план 2021-2023 година, вклучува политики за развој на економијата и создавање пристојни работни места, инклузивност на политиките на пазарот на труд и подобрување на квалитетот на образовните резултати на сите нивоа. Во вториот квартал од 2022 година, стапката на невработеност се намали на 14,5 отсто, додека целта поставена во Стратегијата е да достигне стапка на невработеност од 11 проценти до 2027 година, истакна вицепремиерот Маричиќ на скрининг состанокот. - Преговорите со ЕУ ќе придонесат кон подобрување на системот за социјална заштита, зголемување на образовното ниво на работната сила, постигнување на висока стапка на вработеност, забрана за дискриминација при вработување, се посочува во соопштението на СЕП. Во Брисел денеска се одржаа два објаснувачки скрининг состаноци од Кластерот 3 за Поглавјето 26 - „Образование и култура“ и Поглавјето 19 - „Вработување и социјална политика“. До крајот на оваа недела ќе се одржат уште четири објаснувачки скрининг состаноци и тоа за Поглавје 20, „Претпријатија и индустриска политика“, Поглавје 29, „Царинска унија“, Поглавје 16, „Оданочување“ и Поглавје 25, „Наука и истражување“. Со тоа ќе се заокружи објаснувачкиот скрининг за Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“. сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан