• вторник, 24 декември 2024

Мареска: Ќе се обидеме да бидеме агресивен тим

Мареска: Ќе се обидеме да бидеме агресивен тим

Лондон, 8 јули 2024 (МИА) - Новиот менаџер на Челси, Енцо Мареска, ќе се обиде да внесе поголема агресија во тимот за да ја промени судбината на „сините“ од минатата сезона во Премиер лигата.

Двократните победници во Лигата на шампионите беа на средината на табелата во поголемиот дел од кампањата, пред подобрувањето на крајот под водство на поранешниот менаџер Маурисио Покетино да им го донесе шестото место во лигата и пласман во Конференциската лига.

Четириесет и четири-годишниот Мареска го предводеше Лестер до промоција во првата лига на Англија во неговата прва сезона на чело.

-Во тој момент, кога ќе се приклучите на некој клуб, се обидувате да анализирате што треба да се подобри во тимот и да ги правите вистинските работи. Јасно ми е дека треба што побрзо да создадеме вистински менталитет и култура со која да ги направиме навивачите горди. Ќе се обидеме да бидеме агресивен тим со топка и мораме да ја создадеме таа врска меѓу навивачите и клубот, особено на домашните натпревари, изјави Мареска.

Тој е седмиот италијански тренер на Челси и има за цел да ги следи сонародниците Карло Анчелоти, Антонио Конте и Роберто ди Матео, кои освоија шест трофеи со лондонскиот клуб. Џанлука Вијали, првиот италијански менаџер во Премиер лигата, ги предводеше лондончани до нивниот прв настап во Лигата на шампионите.

-Тоа е една од причините поради кои дојдов. Многу сум горд што повторно ќе бидам италијански менаџер овде. Веројатно има нешто помеѓу Челси како клуб, како семејство и Италијанците што функционира добро, изјави Мареска.

Во својот прв премиерлигашки натпревар на чело на тимот, Мареска ќе се соочи со шампионот Манчестер Сити, каде што претходно работеше како помошник на Пеп Гвардиола и освои три трофеи во една сезона. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан