• четврток, 26 декември 2024

Макрон им порача на Французите: Нема толеранција за неподносливиот антисемитизам

Макрон им порача на Французите: Нема толеранција за неподносливиот антисемитизам

Париз, 12 ноември 2023 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон испрати отворено писмо до своите сонародници во кое порача дека будењето на антисемитизмот во Франција е неподносливо и нема да се толерира.

Макрон одлучи да испрати отворено писмо до Французите пред големиот граѓански марш против антисемитизмот, што ќе се одржи денеска во Париз и во неколку други француски градови, пишува весникот „Паризиен“.

„Антисемитизмот, без оглед на неговата природа, без разлика на религиозниот, социјалниот, идентитескиот или расниот контекст, е токму онаков како што го опиша големиот француски писател Емил Зола – одвратен“, напиша Макрон.

Тој го осуди терористичкиот напад што Хамас го изврши на 7 октомври во Израел и предизвика страв без граници поради бруталната ликвидација на 1.200 луѓе, меѓу кои 40 Французи.

Според францускиот претседател, оваа национална болка се надополнува со неподносливото оживување на нескротливиот антисемитизам, бидејќи во Франција се извршени повеќе од 1.000 антисемитски дејствија за само еден месец, три пати повеќе отколку во целата минатата година.

„Франција во која нашите еврејски сограѓани се плашат за своите животи не е Франција. Франција во која Французите се плашат поради нивната религија или потекло не е Франција. Затоа, во име на францускиот народ, нашите внатрешни безбедносни сили и нашето судство се мобилизирани да ја покажат силата на законот. Нема толеранција за неподносливиот антисемитизам“, потенцираше Макрон. ссм/

фото: архива

Остани поврзан