• четврток, 26 декември 2024

Македонците од Голо Брдо апелираат до албанската влада да го реализира ветувањето за подобра патна инфраструктура

Македонците од Голо Брдо апелираат до албанската влада да го реализира ветувањето за подобра патна инфраструктура

Дебар, 5 март 2023 (МИА) - Македонците во областа Голо Брдо и понатаму се соочуваат со повеќе проблеми, како што е водоснабдувањето и лошата патна инфраструктура и покрај ветувањата дадени од секоја албанска влада дека патиштата ќе бидат асфалтирани, наведува весникот „Илинден“.

При тоа како пример го посочува патот од Мостот на Серец-Стеблево што ќе ги поврзува Пешкопеја со Либражд, кој моментно е во повеќе од незавидна состојбата.

- Македонците во двете административни единици Острени и Требиште во областа Голо Брдо, се надеваат дека ветувањата ќе се реализираат, патот ќе биде асфалтиран и дека ќе биде побезбеден за користење. Како информација за јавноста, да кажеме дека проширувањето на патот и неговото тампонирање е направено во 2012 година, со што патот тогаш беше подготвен за асфалтирање, стои во написот.

Се додава дека „поминаа скоро 11 години, но ветувањата кои постојано се повторуваат никако да се реализираат“ и оти последното ветување датира од пред три години кога почнало асфалтирањето на делницата Либражд - Стеблево.

- Корисниците на овие патишта, најчесто возачите велат дека ова што се случува со инфраструктурата е скандал, и за областа и за жителите, на кои им се прави недозволиво зло со неасфалтирањето на оваа делница. Жителите потврдуваат дека тој не се одржува со чакал, и дека станува тешко да се помине патот во текот на секоја сезона од годината, пренесува весникот „Илинден“.

Областа Голо Брдо, која се протега долж албанско-македонската граница, во делот кај Дебар, е една од најнеразвиените области во Албанија. Со донесувањето на законот за нова територијална поделба во 2014 година и покрај противењето на македонските друштва и партијата, беа укинати трите општини Требиште, Острени и Стеблево и станаа административни единици, па така првите две се припоени кон општина Булќиза (округ Пашкопеја), додека третата кон Либражд (округ Елбасан). вт/сх/

Фото: весник „Илинден“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан