• среда, 27 ноември 2024

Македонските фудбалери обезбедија финале во мундијалскиот бараж

Македонските фудбалери обезбедија финале во мундијалскиот бараж
Палермо, 24 март 2022 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација приреди вечерва во Палермо сензација, совладувајќи ја Италија со 1-0 (0-0) и обезбеди пласман во финалето од баражот за пласман на Мундијалот 2022 против Португалија на 29 март. Најголемата победа во историјата на македонскиот фудбал на стадионот „Ренцо Барбера“ ја донесе поранешниот играч на Палермо, Александар Трајковски во 92 минута. Италијанците очекувано започнаа офанзивно, но нивната најголема шанса уследи по половина час игра по кардинална грешка на Димитриевски, кој му ја подари топката на работ а шеснаесетникот на Берарди, но во продолжение на акцијата со навремена интервенција го одбрани неговиот удар кон празната мрежа. Од тој момент Италија жестоко нападна, но македонскиот состав успешно одолеа и во завршната минута од првото полувреме го имаше првиот и најсериозен обид за водство, кога ударот на Трајковски по проигрувањето од Барди беше скротен од Донарума. Второто полувреме почна со три обиди на Берарди во воведните 12 минути, но првиот го одбрани Димитриевски, а вторите два завршија крај голот, Македонија врати преку Трајковски по еден час игра, кога неговиот удар откосо од левата страна беше непрецизен. Кога сè навестуваше дека мечот во Палермо ќе оди во продолженија, Трајковски со прецизен удар од дистанца во судиското продолжение го совлада немоќниот Донарума и донесе огромна радост за околу 1.500 македонски навивачи во Палермо. Македонија е на чекор до историски пласман на Светското првенството, а за тоа ќе и биде потребна уште една гостинска победа на 29 март во Порто против Португалија, која вечерва во второто полуфинале од групата ја совлада Турција со 3-1. ег/зс/

Остани поврзан