• среда, 25 декември 2024

Македонската евроинтеграција во 2023: Уставните измени го блокираа патот на земјата кон ЕУ

Македонската евроинтеграција во 2023: Уставните измени го блокираа патот на земјата кон ЕУ

Брисел, 3 јануари 2024 (МИА) - Во текот на 2023 година Северна Македонија продолжи со реализацијата на својата втора стратешка определба по членството во НАТО - зачленувањето во Европската Унија. По 15 месеци, на почетокот на декември земјата го заврши скрининг процесот со ЕУ, како прва фаза од преговарачкиот процес што започна во јули 2022 година, а неговото завршување беше предуслов за премин во втората фаза - преговорите по поглавја и кластери. Уште на почетокот на ноември земјава доби покана од шпанското претседателство со ЕУ да ги достави патоказите за владеењето на правото, реформите во јавната администрација и функционирањето на демократските институции и Акцискиот план за заштитата на припадниците на немнозинските заедници, како вовед за отворање на преговорите по „Кластерот 1 - Фундаментални вредности“. 

Но, согласно Преговарачката рамка, за премин кон преговорите по кластери земјава мора да исполни уште еден предуслов - промена на Уставот. И во заклучоците за процесот на проширување на декемврискиот Самит на ЕУ е посочено дека Унијата е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.    

- Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени, беше наведено во заклучоците, во кои лидерите на ЕУ ја потврдија својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Унијата и повикаа на забрзување на процес на нивно пристапување во блокот.  

Лидерите посочија и дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикне вредностите на кои е основана Унијата.  

Вториот ден од вонредниот лидерски состанок на ЕУ во голем дел ќе биде посветен на иднината на заедничката одбрана на ЕУ, но и безбедноста на храната во контекстот на војната во Украина, јави

- Гледајќи кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и идните земји членки и ЕУ треба да бидат подготвени за моментот на пристапување. Работата на двете патеки треба да напредува паралелно. Кандидатите за членство, со помош на ЕУ, треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснован на заслуги, беше наведено во заклучоците.  

Премиерот Димитар Ковачевски на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој и претходеше на средбата на врвот на Унијата, посочи дека заклучоците се многу јасни дека сега кога успешно заврши скринингот, покрај продолжување со реформите, пред нас имаме уште една обврска што треба да ја завршиме - процесот на уставни измени.  

- Таа сега зависи од нас. Процесот ќе продолжи и неминовно ќе заврши со влез на Северна Македонија во ЕУ, истакна Ковачевски. 

Премиерот порача дека не треба да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за некакви промени во Преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот никој нема корист од тоа.   

Штом бидат спроведени амандманите на Уставот во Северна Македонија, што се од техничка природа, што сите вие тоа го знаете, бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе би

- Штом бидат спроведени амандманите на Уставот во Северна Македонија, што се од техничка природа, што сите вие тоа го знаете, бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе биде одржана втората Меѓувладина конференција. Секако дека не треба да се пропушти овој прозорец на можности којшто го имаме до изборите во Северна Македонија и во ЕУ, изјави Ковачевски. 

Скрининг процес - проверка на нашата усогласеност со европската легислатива 

Скрининг процесот започна на 15 септември 2022 и во негови рамки беа одржани објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја од преговарачкиот процес поделени во шест кластери, како и 850 презентации на кои присуствува приближно 1000 претставници од 206 различни институции од земјава, како и 800 експерти од Европската комисија и за кој период од страна на Унијата беа презентирани над 4500 акти, мерки, регулативи и директиви. 

По повод завршувањето на скринингот, премиерот Ковачевски изрази задоволство од неговото спроведување согласно утврдената динамика, порачувајќи дека позитивна оценка за успешноста и навремената реализација на процесот даде и Европската комисија во годишниот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат, констатирајќи солидно ниво на усогласеност на нашето со европското законодавство.     

Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ порача дека со завршување на скринингот секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас.  

null

- Се наоѓаме на клучна точка во својата историја која ќе го трансформира македонското општество. Ова е еден историски момент за Северна Македонија, за Западниот Балкан и за Европската Унија. Оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните, порача Маричиќ. 

Тој нагласи дека од скрининг процес веќе имаме и конкретни резултати и плодови. - Тоа треба да ни биде модел за тоа како понатаму треба да се движиме во преговорите и одговор на прашањето, кое што е многу пати поставувано - дали имаме капацитети за преговори?. Да, имаме и скрининг процесот тоа го покажа, истакна Маричиќ.  

Според него, иако на почетокот скринингот беше оспоруван како неважен и технички и дека не значи отворање на преговорите, денес гледаме дека завршуваме една почетна воведна фаза од преговарачкиот процес за членство.   

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, потенцираше дека по завршувањето на скрининг процесот нашиот европристапен пат ќе биде запрен вештачки, доколку не ги усвоиме уставните измени.  

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на земјава, испрати писма до повеќе политички центри во рам

- Тоа ќе биде историски испуштена шанса во оваа геополитичка ситуација во Унијата кога проширувањето е приоритет и геостратешка неопходност. Затоа, повторно упатувам повик да го обезбедиме потребното мнозинство во Собранието за да ја оствариме целта, која е од стратешко државно значење и е аспирација на мнозинството наши граѓани за припадност во евроатлантското семејство, која ниту една партија не може да ја игнорира особено ако претендира да предводи идна Влада, нагласи Османи.   

Уставни измени     

Согласно обврските на земјата преземени со Преговарачката рамка, Министерството за правда формира работната група составена од експерти, професори од неколку универзитети во државата, како и претставници на политички партии, за подготовка на Предлог за пристапување кон измена на Уставот.  

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“. Согласно ова, направена е измена и во бројноста и составот на Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на паритетот на претставниците во Парламентот на сите наведени заедници во Преамбулата на Уставот.  

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, со кој треба да се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, по скратена постапка, е

Владата на 18 јули го усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот и одлучи документот да биде доставен до Собранието, повикувајќи на конструктивност и постигнување натпартиски консензус за усвојување на уставните измени, како дел од Преговарачката рамка и услов за продолжување на преговорите со ЕУ, во моменти кога пред граѓаните и државата е „неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на целта за членство до 2030 година“. 

- Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја. Исто така, во услови кога во геополитичкиот контекст нашите стратешки пријатели - САД и државите членки на НАТО и на ЕУ во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста, ни доликува, како граѓани и како држава доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, да придонесеме во безбедноста на регионот и ЕУ, беше наведено во владиниот предлог. 

Според Владата, измените на Уставот ќе овозможат одржување на втората Меѓувладина конференција, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ и ќе го зајакнат мултиетничкиот карактер на Северна Македонија, па затоа повика на „разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и, напротив, конечно да ги реализира европските перспективи“. 

Опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, категорично одбива да ги поддржи измените на Уставот под, според нив, бугарски диктат, кои „директно ќе одат на штета на македонскиот народ“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека партијата „откако ќе ја формира новата Влада“, е спремна да разговара „за нешто што претставува достоинствено решение и сценарио“.  

Внимателно ја следиме состојбата во Израел, значајното зголемување на насилствата, вклучително и постојаниот напад од ракетен оган од појасот Газа кон Израел. Испалувањето на ракети од Газа н

- Очекувам од ЕУ, но и од лидерите, доколку навистина сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении, каде Македонија, македонскиот идентитет и народ, се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики. Ќе ве потсетам тоа се започна со ветото кое го добивме поради спорот со името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед. Видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека наскоро ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите, што го заслужува многу одамна, рече Мицкоски. 

Од друга страна, претставниците на меѓународната заедница повикаа сите политички сили во земјава да ги поддржат уставните измени, со уверувања дека ќе нема нови барања за дополнителни отстапки и порачаа дека ако постоечкиот ќор-сокак продолжи, Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури на подолг период да биде изолирана и исфрлена од европскиот пат.  

На 25 јули, Комисија за уставни прашања со десет гласа „за“ и седум „против“ усвои два заклучоци за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт-амандмани за измена на Уставот. По ова, за 18 август беше закажана собраниска седница со единствена точка на дневен ред за носење Одлука за пристапување кон измени на Уставот.  

Одлуката за пристапување кон измени на Уставот се носи со двотретинско мнозинство во Собранието, односно со најмалку 80 гласа, а бидејќи се работи и за промена на Преамбулата, потребно е и т.н. Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласаат и најмалку 21 од 40-те пратеници кои не се припадници на мнозинската македонска заедница. 

Не треба да губиме време во процесот на уставни измени, затоа што мојот страв е дека ако не фати ноември без завршени промени на Уставот, ќе прекинат преговорите и ќе го изгубиме моментот, а

Седницата започна, дневниот ред беше усвоен, но бидејќи не беше обезбедено потребното квалификувано мнозинство, таа беше прекината. 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по ова порача дека седницата за уставните измени „стои отворена за да се даде простор да се донесе одлука во интерес на граѓаните“, додавајќи дека процедурите дозволуваат седницата за гласање на уставните измени да стои отворена се додека не се обезбедат потребните гласови. 

- Нема рок кога треба да се затвори. Може да се затвори веднаш, тоа е најлесно, но што ќе добиеме со тоа. Вака даваме простор на сите добро да размислат и да донесат одлука во интерес на граѓаните, а не во интерес на партијата и парламентарните избори кои следат, рече Џафери. 

На иста позиција беше и премиерот Ковачевски кој рече дека седницата е отворена, а процесот за уставните амандмани не се затвора по 31 декември, туку тој ќе стои отворен се додека не биде реализирана обврската која земјата ја има согласно Преговарачката рамка. 

- Дневниот ред е изгласан и се отвори дискусија во која што сите граѓани се уверија дека немаше ниту една забелешка во однос на поднесените амандмани. Ако имаше забелешка во однос на поднесените амандмани, дискусијата уште ќе траеше. Единствено опозициската политичка партија не сакаше да учествува. Тие всушност не сакаат да учествуваат во ниту еден процес, изјави Ковачевски. 

На Делфи економскиот форум, денеска премиерот Ковачевски ќе оствари работни состаноци со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски пр

Тој при посетата на Брисел кон средината на декември, истакна дека таа можеше да изгледа сосема поинаку при која победнички, гласно и јасно да кажеме дека продолжуваме по европскиот пат, но се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.  

- Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство. Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам и популизам, што доведе до целосно заробена држава. Нека им служи на чест на овие партии, а на граѓаните да им служи на ум, додаде Ковачевски.  

Вицепремиерот Маричиќ истакна дека моменталната блокада на уставните измени и на нашите евроинтеграции има име и презиме - тоа е ВМРО-ДПМНЕ и од таа одговорност партијата нема да можат да се ослободи.  

- Таа одговорност за блокирање на сопствената држава, ќе остане и лежи кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и кај партијата. Јас се надевам дека што поскоро ќе има разумно размислување и ќе се направи ова, затоа што успехот ќе биде заеднички и потоа може да се продолжи понатаму, изјави Маричиќ. 

Претседателот Стево Пендаровски и Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) денеска го најавија почетокот на новата заедничка иницијатива „Преосмисли ја иднината“, чија цел е на децата и

Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак, оцени дека неусвојувањето на измените на Уставот нема да ја дестабилизира државата, но дека е можно да доведе до драстично демократско уназадување и економско стагнирање, додавајќи дека противењето на ВМРО-ДПМНЕ е од чисто партиски резон за да добијат гласови, особено кај етничките Македонци, на следните избори. 

Според него, доколку застанеме на европскиот пат постои легитимна политичка проценка дека државата би можела да остане во последната група или подгрупа од Западниот Балкан за интегрирање во ЕУ, може да се случи намалување на економската активност и вратата широко да се отвори за популистички и националистички политички структури. 

- Тие би можеле да дојдат конечно на власт и да почнат во пракса да ги спроведуваат своите концепти за БРИКС, за некои алтернативи на ЕУ и на западната алијанса во целина, за што знаеме каде ќе не одведе. Значи, во смисла на демократијата можеме да назадуваме драстично, како што назадувавме од 2008 до 2016, кога Европската комисија рече дека Македонија е заробена држава. Тоа може да ни се случи и сега - уште поголемо економско стагнирање и, неспорно, демократско уназадување, што се два битни параметри за да имате релативно задоволни граѓани, оцени Пендаровски.  

Советот на ЕУ во заклучоците од декемврискиот Самит наведе дека е подготвен да ја свика втората Меѓувладина конференција со Северна Македонија, без дополнителни одложувања и без потреба од дополнителна политичка одлука, штом земјата ќе ја спроведе својата заложба да ги спроведе уставните измени.  

- Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие промени. Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка, се наведува во заклучоците.   

Според неа, во услови кога постои моментум за проширување на ЕУ, Европската комисија ги охрабрува сите страни во Северна Македонија да работат заедно за да ја придвижат земјата на нејзиниот п

Според портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување Ана Писонеро, во услови кога постои моментум за проширување на ЕУ, ЕК ги охрабрува сите страни во Северна Македонија да работат заедно за да ја придвижат земјата на нејзиниот пат за пристапување во Унијата.  

Извештај за напредокот на земјата на европскиот пат 

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2023 година, објавен на почетокот на ноември, се наведува дека процесот на преговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ бара широк консензус од главните политички партии, кои треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата за да се зајакне улогата на Парламентот. ЕК оценува дека работата на Собранието беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања, а се забележува и за прекумерна, понекогаш и несоодветна, употреба на процедурата за носење законски решенија со „европско знаменце“.  

Еврокомисијата смета дека земјата продолжила со напорите за зајакнување на демократијата, но се соочила со значителни предизвици во областа на владеењето на правото, како и дека генерално правната рамка за одржување на демократски избори останува соодветна и покрај тоа што не се имплементирани вонредните препораки од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.   

Според ЕК, Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформите во јавната администрација и постигнат е ограничен напредок со усвојувањето на новата стратегија за нејзина реформа, додека за невладиниот сектор се оценува дека иако генерално работи во поволно опкружување, потребно е негово поголемо вклучување во реформскиот процес.   

Европската комисија оцени и дека нема напредок во делот на судството и дека судскиот систем на Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност, додека во делот за борбата против корупцијата се наведува дека не е постигнат напредок и дека земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка, при што се потенцира дека корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање.  

Европска комисија

Комисијата смета дека Северна Македонија продолжува да ги исполнува своите општи обврски за основните права, но законодавството треба да се спроведува на посистематски начин, при што се оценува дека правната рамка на земјата за почитување на основните права е делумно усогласена со правото и стандардите на ЕУ.    

Во Извештајот се посочува и дека земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во областа на слободата на изразување. - Генерално, постигнат е ограничен напредок. Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко медиумско известување. Изменетиот Кривичен законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета го подигнаа севкупното ниво на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашувачко однесување кон новинарите, се додава во Извештајот, при што се потенцира дека условите за работа на новинарите остануваат предизвикувачки.   

Според ЕК, земјата постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, иако во 2022 година економијата на земјата беше тешко погодена од последиците од руската агресија врз Украина, што значително го забави нејзиното закрепнување по Ковид пандемијата. Сепак, се наведува дека и покрај воведените фискални правила и зајакнувањето на фискалната одржливост, напредокот е бавен во спроведувањето на пошироки мерки за подобрување на управувањето со јавните инвестиции.    

Во Извештајот се посочува и дека земјата е умерено подготвена во областа на надворешните односи и достигна добро ниво на подготовка за заедничката надворешна и безбедносна политика и постигна одреден напредок во текот на периодот на известување за заедничката трговска политика. Во однос на регионалната соработка се наведува дека земјата одржува добри односи со другите држави опфатени со процесот на проширување и продолжила да се ангажира во регионалните иницијативи. При тоа се додава дека постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.  

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји пристигна во Црна Гора, каде беше пречекан од премиерот Душко Марковиќ.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји при презентацијата на Извештајот посочи дека властите на Северна Македонија продолжија да демонстрираат и јавно да ја декларираат својата посветеност за напредок на европскиот пат и сега кога започна процесот на пристапни преговори, земјата треба да го забрза темпото на реформи поврзани со зачленувањето во ЕУ.   

- Парламентот и Владата се залагаат да почнат и приоритетно да се спроведат релевантните уставни измени. Се надеваме дека сите страни ќе го поддржат тоа за земјата да оди напред, изјави Вархеји, додавајќи дека спроведувањето на уставните измени е суверена одлука и определба на земјата, која дополнително би ги зајакнала основните права.   

Сепак, според него, потребно е зајакнување на довербата во правосудниот систем и справувањето со корупцијата, вклучително и преку солидни истраги, гонење и конечни пресуди за случаите на корупција на високо ниво.   

План за раст на Западниот Балкан 

Како одговор на предизвиците со кои се соочува Западниот Балкан поврзани со потребата за заживување на економиите по Ковид пандемијата и актуелното влијание на руската агресија врз Украина, Европската комисијата на почетокот на ноември го предложи Планот за раст на земјите од регионот, што треба да обезбеди можности за зајакнување на нивната социо-економската конвергенција, нивно доближување до единствениот пазар на ЕУ во многу области, како и значителната дополнителна финансиска поддршка.   

Поцврст став од Брисел, што очигледно недостасуваше минатата недела во врска со контроверзниот документ во којшто се предлага промена на граници на Западен Балкан, ќе ги смиреше страстите во

На Самитот на ЕУ во декември европските лидери го нотираа дописот на Еврокомисијата за новиот План за раст на Западниот Балкан насочен кон забрзување на поврзувањето меѓу западнобалканските земји и Европската Унија врз основа на строги услови и го охрабрија регионот да го забрза темпото на реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ и да ја унапреди регионалната економска интеграција преку заеднички регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ. Во заклучоците од Самитот, се нагласува дека Европскиот совет останува посветен на унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан за време на самиот процес на проширување, на реверзибилен начин заснован на заслуги.   

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, при промоцијата на Планот, истакна дека тој има за цел да се поттикне растот на економиите на земјите во регионот во следните години и да се намали социо-економскиот јаз меѓу нив и членките на Унијата до крајот на оваа деценија.   

- Сакаме постепено да го интегрираме Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ, дури и пред полноправното членство во ЕУ, изјави Вархеји, додавајќи дека Планот за раст ќе им помогне на партнерите на ЕУ од Западниот Балкан да ги забрзаат основните реформи, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и демократијата, како и во привлекувањето приватни инвестиции, промовирање на одржлив економски раст и намалување на загадувањето.   

Според него, долгорочната цел е да му се помогне на регионот до 2030 година да го постигне својот целосен потенцијал во однос на капацитетот за економски и социјален развој.   

- Накратко, Планот за раст ќе создаде соодветни услови за нашите регионални партнери да станат членки на Унијата, заклучи Вархеји.   

Планот има за цел во претпристапниот период да донесе некои од економските придобивки за да се изградат посилни и поотпорни економии и да се обезбедат секојдневни економски придобивки за бизнисите, работниците и потрошувачите. - Ова, пак, ќе има придобивки за целата ЕУ - интеграција на добро подготвени и економски посилни земји кои ги применуваат правилата и стандардите на ЕУ уште пред нивното зачленување, се наведува во Планот.   

Но, за да го искористат потенцијалот на овој План за раст, земјите од Западен Балкан ќе треба да преземат решителни напори да напредуваат и на домашната реформска агенда и на зајакнување на економската интеграција во регионот. Во документот се нагласува дека економското поврзување е суштински елемент за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ и тоа во моментов не е задоволително, ниту во однос на реформските процеси, ниту во однос на социо-економската конвергенција, што го кочи напредок на овие држави на европскиот пат.  

- Затоа, постои потреба од брз почеток и поттикнување на подготовките на Западниот Балкан за членство во ЕУ, со истакнување на некои од неговите придобивки, особено на начини што директно ќе го почувствуваат граѓаните на земјите од Западен Балкан. Целта е да им се овозможи на партнерите да ги засилат реформите и зголемат инвестициите за значително да се забрза процесот на проширување и растот на нивните економии, се посочува во Планот.  

Четирите основи столба на кој ќе се базира Планот за раст на Западниот Балкан се подобрување на економската интеграција на земјите од регионот со единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на економската интеграција на државите од регионот во заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Фондот за реформи и раст за Западниот Балкан, како нов инструмент во вредност од шест милијарди евра неповратна поддршка за спроведување на основните и социо-економските реформи.  

Како дел од овој План за раст, Еврокомисијата идентификуваше седум првични приоритетни области, кои ЕУ може да им ги понуди на земјите од Западен Балкан и кои ќе донесат значителни економски придобивки за регионот. Тие седум првични приоритетни области се слободното движење на стоки, слободно движење на услуги и работници, пристап до Единствената зона за плаќања во евра, интегрирање на превозот на патници, интегрирање на енергетските пазари, вклучување во единствениот дигитален пазар и интеграција во индустриските синџири на снабдување.  

Новата Влада планира фундаментално да го промени енергетскиот профил на државата со цел да ја подготви за идните предизвици за годините што следат и за таа цел сака енергетскиот сектор да бид

За таа цел, со Планот се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди евра во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра концесиски заеми обезбедени од ЕУ. Исплатите, како што посочува Комисијата, ќе се вршат двапати годишно, условени со реализација на социо-економски реформи, заедно со фундаментални реформи, вклучително и во владеењето на правото.  

- Овој План не е во спротивност со тековните процеси на пристапување и специфичните услови предвидени во тој процес, туку само ќе поттикне забрзување на усвојувањето и спроведувањето на европското законодавство. Покрај тоа, со силен фокус на интеграцијата во регионот на Западен Балкан, тој треба да им помогне на земјите да се фокусираат на нивната заедничка иднина како членки на ЕУ и да ги надминат билатералните предизвици кои за жал трошат премногу енергија и го успоруваат регионот, се додава во Планот.  

Според премиерот Ковачевски, Планот за раст на Западниот Балкан е елабориран, оперативен и фокусиран на неколку приоритети што го прави остварлив и не е само уште еден план со недостижни цели.  

- Овој План, ќе даде нов, силен поттик на процесот на евроинтеграции. Со неговата реализација која зависи и од ЕУ, но пред се од нас, земјите од Западниот Балкан двојно ќе го зголемат обемот на економијата на регионот и во земјата преку зголемена економска соработка, смета Ковачевски.

Вицепремиерот Маричиќ, пак, оцени дека Планот е еден динамичен инструмент, кој што треба да не мотивира побрзо да направиме некои реформи, а ЕУ брзо да реагира на тоа и да обезбеди средства кои што ќе може да ги користиме и да ги финансираме проектите веќе во првата половина на 2024 година.  

Интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е стратегиска цел не само за нив туку и за целата Унија, што се гледа и сега во контекст на конфликтот межу Русија и Украина. Нему треба да

Според него, ефектите од Планот за раст ќе бидат видливи побрзо, ќе го вратат кредибилитетот на Унијата и динамиката во нашиот реформски процес, а сето тоа граѓаните ќе можат да го видат и почувствуваат и пред членството во ЕУ.   

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека предност на Планот е тоа што не е врзан со политичките критериуми во процесот на интеграција во Унијата, туку се базира на имплементација на утврдената реформска агенда.   

- Со овој План се очекува за 10 години двојно да се зголеми БДП и побрзо да се доближиме до европскиот пазар и до стандардот на земјите од ЕУ, истакна Бесими, додавајќи дека врз основа на имплементацијата на реформите, ќе следат и финансиски средства од ЕУ за поддршка, кои ќе бидат повлекувани според однапред утврдена динамика.     

Портпаролката на Европската комисија Писонеро, пак, истакна дека целта на Планот е да донесе некои од придобивките од членството во ЕУ во регионот уште пред зачленувањето, да ја зајакне економската интеграција на единствениот пазар на ЕУ, да ја зајакне економската интеграција со Западниот Балкан преку заеднички регионален пазар, да ги забрза фундаменталните реформи и да ја зголеми финансиската помош за поддршка на реформите со средства за реформи и раст за Западниот Балкан.   

- Комисијата се надева дека финансирањето ќе биде достапно што е можно поскоро во текот на 2024 година, порача Писонеро.  

Сашко Панајотов

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан