• петок, 27 декември 2024

Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во три месеци и прави нарачки најчесто до 50 евра

Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во три месеци и прави нарачки најчесто до 50 евра
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во три месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Најмногу онлајн купува облека, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани). Ова го покажува последниот извештај на Асоцијацијата за е-трговија насловен „Преглед на анализата на е-трговија (2022) во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји”, а кој денеска го презентираше претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска на петтото јубилејно издание на конференцијата за е-трговија под мотото „E-commerce: Accelerate!“. - Вредноста на трансакциите кои Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесува 12 милијарди денари и е за 22 проценти повисока споредбено со првото полугодие во 2021. За охрабрување е и фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба, се вели во извештајот.   Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31 отсто од населението кое користи интернет, но тоа не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66 проценти од Европејците го користат интернетот за е-банкарство. Но, 85 проценти од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат е-маил. Црногорците отскокнуваат во учеството на социјалните мрежи, праќањето инстант пораки и читањето онлајн вести, Србите во барање информации за производи/услуги и информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање на производи и услуги онлајн иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место. Ангеловска во својот говор истакна дека иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во државава, сепак се уште сме рангирани на дното споредено со европските земји, а и зад дел од земјите од регионот кај повеќето индикатори. - Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46 посто од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред, додава Ангеловска. На конференцијата, обраќање имаше и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф кој рече дека поради тоа што земјите од регионот се релативно мали со мала популација, кога се размислува за е-трговија е многу тешко да се воспостават успешни бизниси на локално ниво. - Задоволство е да се види дека Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија е најуспешната во регионот што ни причинува уште поголемо задоволство што можеме да учествуваме овде и прашање е како може да се подобри вашиот бизнис со користење на јавните инструменти. Мислам дека една од големите можности што ќе ги имате за време на оваа конференција е исто така да формулирате кои се вашите потреби и кои се вашите желби за подобрување на е-трговијата во иднина, рече Граф. Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин информираше дека во 2021 година 90 проценти од луѓето помеѓу 16 до 74 годишна возраст користеле интернет во Европската Унија, додека 74 проценти од нив купувале продукти или услуги од интернет. - Највисокиот обем на корисници кои купуваат продукти и услуги од интернет е во скандинавските земји, околу 90 проценти. Од друга страна, само 44 проценти од луѓето во Романија купуваат онлајн, 42 проценти во Бугарија, а во Северна Македонија само 30 проценти од интернет корисниците купувале онлајн во текот на минатата година, рече Худолин. Исто така додаде дека земјите од Западен Балкан, како и генерално земјите на ЦЕФТА, се на дното на листата на овие статистики во Европа. Минатата година, конференцијата за е-трговија беше домаќин на повеќе од 400 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а презентации имаа 30 говорници од 10 земји. мс/сх/  

Остани поврзан