• среда, 13 ноември 2024

Локвенец за МИА: Наскоро тендер за третата фаза од пругата кон Бугарија

Локвенец за МИА: Наскоро тендер за третата фаза од пругата кон Бугарија

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Во завршна фаза е подготовката на тендерската документација за надзорен инженер и за техничка помош, како и за градба за последните 24 километри од железничкиот Коридор 8 кон Република Бугарија. Со поддршка на сите владини институции и на Мисијата на ЕУ во Скопје, ја подготвуваме документацијата, а очекувањата се дека за скоро време ќе биде објавен тендерот и до крај на годината ќе имаме избран изведувач, вели во интервју за МИА Хари Локвенец, директор на ЈП Железници на РСМ Инфраструктура. 

Со него разговаравме по повод претстојниот јубилеј - 150 години железнички сообраќај во државава.

Тој вели дека е евидентен прогресот на тековните активности за првите две фази од пругата кон Бугарија, а очекува изведувачите да ги завршат овие проекти во предвидениот рок.

Во интервјуто, Локвенец се осврнува и на подготовките за тендерот за третата фаза и експропријацијата за тој дел, а до крајот на 2027 година очекува да го завршиме нашиот дел од источното крило на железничкиот Коридор 8. Најавува дека до крајот на мај ќе биде завршена реконструкцијата на дел од Коридорот 10 на потегот од Ногаевци до Неготино. 

Интервјуто го пренесуваме во целост: 

Господине Локвенец, одбележуваме 150 години железнички сообраќај на територијата на државава, поврзувањето со светот со првиот воз било на 9 април 1873 година. Што можеме да кажеме денеска за нашето поврзување со овој вид транспорт, правиме ли доволно, што треба да поправиме за да имаме целосно поврзување, каква е реализацијата на проектите, наоѓањето финансии, кадарот...?

- Македонски железници е државната институција со најдолг стаж. Во овој момент одбележуваме 150 години постоење на македонски железници, меѓутоа одбележуваме и историја, традиција, знаење и вештини. Пред 150 години со поврзувањето, прво на Велес, а потоа и на Скопје со Отоманската Империја, и следните неколку години преку Приштина и Митровица од една страна и Ниш и Белград од друга страна, оформувајќи го сегашниот Коридор 10 сме се поврзале со Централна Европа. Сто и педесет години претставува чест, одбележувањето на олку голем јубилеј, меѓутоа во исто време и обврска и одговорност, зошто Железниците сами по себе значат многу, и заради транспорт на граѓаните, поврзување од една до друга точка, за пренос на стока, меѓутоа многу повеќе значат за самата држава. Во поновата историја сите модерни држави се темелат на железничкиот сообраќај и поврзувањето кое го нуди железницата, внатрешното поврзување на самите држави, а после тоа и со регионот и светот. Во поновата историја, во моментов, железниците како транспорт го задоволуваат еден од најважните критериуми на современото живеење, а тоа е зелената агенда, поточно намаленото емитување на штетни емисии на гасови и најефтиниот начин на поврзување и пренесување на добра. Кога го поставувате прашањето дали сме направиле или дали правиме доволно, директниот одговор е никогаш доволно, меѓутоа можам да одговорам дека во сите околности, во дадените временски периоди и етапи од овие 150 години сигурен сум дека македонската држава вложувала максимум од моменталните капацитети и нормално приоритетите кои биле давани во дадениот момент надевајќи се дека оваа гарнитура на вработени во Македонски железници инфраструктура со максималната посветеност и ентузијазам ќе успее моменталниот обид да го реализира преку враќање на Македонски железници на вистинското место.

- И овој јубилеј го одбележуваме со долгогодишниот проект во најава, за пруга кон Бугарија,  каде од крајот на октомври повторно има работа на терен. Како се одвиваат активностите за првите две фази, што е направено досега од изведувачите?

- Првите две фази, од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километар. Прво, според критериумите на Европската Банка за Обнова и Развој која е финансиер на кредитот, на овој дел од пругата, меѓутоа и според мислења на други релевантни чинители од професијата имаме избрано капацитативни фирми, за првата фаза австриската конзорциум Штрабаг и за втората фаза турската фирма Гулермак. Прогресот и на двете фази е евидентен и очекуваме дека и двете фирми своите проекти ќе ги завршат во предвидениот рок. Во истата објава беше и реконструкцијата на дел од Коридорот 10 на потегот од Ногаевци до Неготино, ја работи компанијата Штрабаг и според плановите на понудата и според реализацијата на терен, реални се очекувањата дека до крајот на мај оваа реконструкција ќе биде завршена во предвидениот рок. Во врска со кадровскиот потенцијал можам слободно да кажам дека во овој момент како водач на Македонски железници инфраструктура сум почестен да работам со вакви работници, кои до максимум се вложуваат себеси и да бидам искрен железничарите се посебна категорија на луѓе, категорија со огромно и неизмерно чувство на припадност и одговорност кон сопствената професија и работата која ја работат и ја завршуваат. Кога веќе зборуваме за историја, би сакал да напоменам дека темелот на секое напредно и револуционерно движење во Македонија биле железничарите со своите прогресивни размислувања, со својата важност во сите процеси и со чистата мисла и бистрата идеја како да се стигне до посакуваните резултати. Во моментов сме во фаза на обновување на стручниот кадар во Железници-инфраструктура преку користење на искуството и знаењата на скоро пензионираните инженери и експерти во оваа област со нивен ангажман за трансфер на нивното знаење  искуство кон помладите инженери и вработени во другите области на железницата. Зошто водете сметка, ние во овој момент го ставаме акцентот на градбата на новите пруги, меѓутоа железницата е многу повеќе водење на сметка за безбедноста и сигурноста во железничкиот сообраќај, а тоа подразбира безбедноста и сигурноста на патниците, генерално на македонските граѓаните. Баш заради тоа потребен ни е трансфер на знаење на инженерско, меѓутоа и искуство од сите други области и сфери поврзано со функционирањето на железничкиот сообраќај. Кога зборуваме за финансии сметам дека во овој период евидентна е поддршката и од страна на Владата преку македонскиот Буџет, меѓутоа и од страна на Европската Унија преку своите механизми на доделување на грантови од типот на ИПА Програмите и Програмата Western Balkan Investment Framework (WBIF) или Инвестициската рамка на Западен Балкан преку која ЕУ со грант средства ги помага нашите проекти. И овде би сакал да потенцирам дека за разлика од другите земји корисници на овие средства во релативна бројка како процент во учество во вкупните проекти, ЕУ на ниво од 50 проценти учествува со грант средства по наш речник со пари без пари, со бакшиш пари”, со поклон пари како би не поддржала за реализација на овие проекти. Се надевам дека до формалното зачленување на македонската држава во ЕУ ќе продолжи овој тренд од околу 50 проценти поддршка со грант средства од ЕУ, а со самото зачленување дека истата ќе порасне на 85 проценти, која е пракса во останатите земји-членки на Европската Унија. Кога зборуваме за првите две фази, после подолго време можам со задоволство да кажам дека почна изградбата на првите две фази од вкупно три на источното крило на пругата кон Бугарија.

До каде се подготовките за третата фаза од оваа пруга, дали е заокружена финансиската конструкција?

- Цело е кога има се, а за да го завршиме својот дел од источното крило на Коридорот 8 и нашето ветување дека истиот ќе биде завршен до крајот на 2027та година, во завршна фаза сме на подготовка на тендерската документација и за надзорен инженер и за техничка помош, меѓутоа и за градба на последните 24 километри од Коридорот 8 кон Република Бугарија, најмалата делница од проектот која е најголем предизвик за сите нас, затоа што има 24 тунели и 51 мост на должина од само 24 км, и таа е предизвик и од проектантски и од логистички и од градителски аспект. Токму затоа, многу сериозно со поддршка на сите владини институции, меѓутоа и на Мисијата на ЕУ кај нас во Скопје ја подготвуваме оваа документација и очекувањата се дека за скоро време несакајќи да лицитирам со време, ќе биде објавен тендерот и очекувањата се дека избран Изведувач ќе имаме до крајот на оваа година. Ако проектираното време за градба на оваа делница е четири години, тоа значи дека до крајот на 2027 година според сите проекции кои ги дадовме уште пред две години, ние ќе го завршиме нашиот дел, македонскиот дел од источното крило на пругата кон Република Бугарија. Во исто време сакам да ве информирам дека целосно сме и компатабилни и комплементарни со колегите од Бугарија кои во исто време ќе го завршат и својот дел на реконструкција и градба на пругата од Софија до Ѓуешево, така што во ист момент би го завршиле својот дел од работата на Коридорот.

Какви се проценките за состојбата со експропријацијата на терен не само за првите две делници, туку и за третата, колку финансии се одвоени за таа намена?

- Чест ми е да ви одговорам дека првите две делници се завршени сто процентно во однос на експропријацијата уште пред почеток на градбата, а што се однесува за третата делница за која сеуште се подготвува тендерската документација парцијално ја завршуваме во целост експропријацијата. Го потенцирам делот парцијално зошто по барање на граѓаните, зошто сакаме да бидеме Железници на граѓаните, а не Железници на проектантите, ги сослушавме сугестииите на граѓаните на Крива Паланка за пристапните патишта кон железничката станица во Крива Паланка и од предложените 50 куќи за раселување и уривање во Крива Паланка од страна на проектантот, според сугестии на граѓаните, ги сведовме на 16, оние кои мораше да се урнат. Јас знам дека и 16, можеби е помала бројка во однос на 50, ама и тоа е многу, водејќи сметка дека сите ние емотивно сме поврзани со нашите домови, заради тоа што куќата не ни е само зграда, туку ни е дом и заради важноста и од емотивен, меѓутоа и од сите други аспекти од постоењето на нашиот дом. Затоа делот на експропријација во самата Крива Паланка, плански го одложивме за неколку месеци, очекуваме дека во следните неколку месеци ќе бидеме готови во целост со документацијата потребна за овој тип на активности и дека  до крајот на годината или до почетокот со градба на овој инфраструктурен проект во целост ќе ја завршиме експропријацијата на целата трета делница во должина од 24 километри.

Освен за изградба, колку се инвестира за одржување на постојната железничка мрежа и каде има такви инвестиции? 

- Ова прашање мислам дека треба да се одговори малку пошироко, зошто во овој момент бројките кои би ги спомнал верувајте се од премногу релативен карактер. Главното прашање поврзано со капацитетот и квалитетот на македонските железници е поврзано со блискиот историјат, вистинското прашање е колку и како се третирани македонските пруги во изминатиот период, и несакајки да се враќам наназад што се е направено или што се не е направено, сакам да ви спомнам дека во овој момент на македонските пруги има прагови постари од половина век и водете сметка за волја на вистината ова не е пример само во македонските железници, туку и во железниците од целиот регион и не само во земјите од Западен Балкан, туку и во земјите кои се членки на ЕУ. Квалитетот на самите пруги треба да биде еден од поголемите приоритети, зошто покрај сигнализацијата директно е поврзан со безбедноста и сигурноста, генерално на патниците, меѓутоа и на товарните возови кои поминуваат низ нашите пруги. Ако зборуваме за задоволство, далеку е од тоа дека сум задоволен од моменталната состојба и кондиција, меѓутоа можам со сигурност да ви кажам и да ви гарантирам дека со огромен ангажман на вработените во Македонски железници Инфраструктура кои работат во делот за одржување на инфраструктурата, прво го даваме максимумот од постоечките човечки ресурси, машински парк и постоечките резервни делови кои ги имаме во моментот. На таков начин ја гарантираме безбедноста и сигурноста на патниците во железничкиот сообраќај.

Во контекст на ова, неодамна ја ограничивте брзината на возовите на пругата Скопје-Велес меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес на 20 километри на час. Која е причината за тоа, до кога ќе биде така?

- Како директор на Македонски железници Инфраструктура прво се однесувам како граѓанин, а после тоа како раководител на институцијата. Свесен сум дека фрапантно изгледа намалувањето на брзината на 20 километри на час, меѓутоа можам да ви кажам дека таа е резултат на советите на експертите и инженерите кои работат долги години во Македонски железници инфраструктура. Ваквата одлука е поврзана со информациите од машинското мерење на пругата, направени после многу долго време, после 10 годишна пауза, кои се немилосрдни и кои се исклучително точни. Заради важноста на  безбедноста и сигурноста на македонските граѓани и патници решивме да бидеме доволно одговорни, да се соочиме со реалноста, да ги покажеме вистинските податоци до јавноста и заеднички да се обидеме да го решиме овој проблем. Во овој момент можам да ви кажам дека непрекинато со сите човечки ресурси сме излезени на терен да ги подобриме оние места на кои можеме да добиеме побрз ефект на поголема должина како на одредени етапи би се зголемила брзината, меѓутоа во исто време поврзано со онаа информација која претходно ја споделив за староста на праговите, на огромен број на прагови на македонските пруги, сметам дека покрај големото инвестирање во нови пруги ние треба да инвестираме исто така и во реконструкција и рехабилитација на постоечките. Во овој момент ние располагаме со 700 километри пруга, со градбата на 150 километри нова пруга на источното и западното крило на Коридорот 8 ние ја зголемуваме за 20 проценти должината на македонските пруги. Сето тоа е безначајно ако не инвестираме во постоечката инфраструктура и не ја доведеме блиску до максимален капацитет и квалитет.

Што е со инвестиците во железничките премини и подобрување на безбедноста, што покажува тука статистиката за несреќи и за интервенции од ваша страна за подобрување на состојбите?

- Ако тргнам како алиби одговор слободно можам да ви кажам дека железничарите и машиновозачите почитувајќи ги строгите правила и процедури за железнички сообраќај никогаш не грешат и секогаш се во право, меѓутоа  овој одговор воопшто не ми помага ни мене ниту на сите нам ако станува збор за железнички несреќи и ако имаме загуба на човечки животи. Баш заради тоа, прво што сакам да споделам со македонската јавност е апелот за строго почитување на патната и железничката сигнализација од страна на возачите во патниот сообраќај, зошто уште еднаш ќе повторам дека процедурите на железничкиот сообраќај се премногу строги и се следени од страна на набљудувачите на железничкиот сообраќај. Во Македонија постојат 280 патни премини, од кои 80 се автоматизирани со браници и полубраници, а останатите 200 се обидуваме во следниот период преку грант од Инвестициската рамка на Западен Балкан да ги обезбедиме и добар дел од нив да ги опремиме со ваква патна сигнализација. Покрај тоа, Македонски железници сакајќи да  го забрзаат преминот преку железничките пруги на вкрстувањата на железничкиот и патниот сообраќај во моментов се во фаза на инсталирање на гумени подлоги на патните премини како би ги изгубиле оние спори возења на автомобилите и на други превозни средства преку железничките премини заради лошата кондиција на тие премини и на такоов начин би добле побрз премин преку истите, побрз проток на возила, како дел од зголемувањето на безбедноста во сообраќајот.

Завршена е изградбата и модернизацијата на пругата за поврзување со Грција преку Меџитлија, но функционира само до индустриската зона Жабени. Што е  причината за ова, што преземате како железнички власти, министерот Бочварски неодамна рече дека треба да има интерес и од Грција. Имате ли комуникација со грчките колеги, што можеме да очекуваме?

- Битола била поврзана со Солун уште во крајот на 19 век, после тоа е направена пругата меѓу Прилеп и Битола и многу подоцна, крајот на триесетите години од минатиот век е направено поврзувањето помеѓу Велес и Прилеп преку Богомила. Многу е природна врската на Битола со Солун, мене ми е многу драго што можеме да кажеме дека во целост ја имаме исполнето нашата обврска или нашата потреба за реализација на овој дел од Коридорот 10, зошто покрај за патнички сообраќај тој е исклучително важен како алтернатива или бајпас на главниот Коридор 10, преку кој во случај на било каквов застој на пругата на потегот од Велес до Гевгелија, ние истата би можеле да ја премостиме преку Прилеп-Битола до Солун и да го одржуваме железничкиот сообраќај меѓу солунското пристаниште и Централна Европа. После долго инсистирање стапивме во контакт со Грчки железници инфраструктура, нивната фирма ОСЕ, со директорот Патерас, меѓутоа поради сплет на околности и огромната железничка несреќа која пред извесно време се случи во Грција свесни сме дека во овој момент фокусот на сите, не само на грчките железнички власти, туку и на многу други чинители во државата се насочени кон решавање на овој огромен проблем кој тие го имаат и не само тоа туку и подобрување на целиот инфраструктурен систем кој грчки железници го имаат. Претпоставувам дека тоа ќе биде причината за малото одложување на завршување на нивниот дел од работата. Реално имаат многу малку за сработување, но и тоа малку бара посебно внимание, бара посветеност и ангажман на одреден тип на кадар.

Што би порачале по повод 150 годишниот јубилеј,  како да се врати надежта дека ќе имаме пофункционален железнички сообраќај според очекувањата на патниците и на бизнисот, што преземате како менаџмент за придвижување на работите?

- Сметам дека ова раководство на државата, пристапува стратешки кон овој многу важен проблем. Почнувајќи од стратешкото планирање, кое не го допревме во денешното интервју, а за кое сметам дека буквално  цел текст би можеле да развиеме, до начинот на финансирање, како оваа држава со сите свои финансиски проблеми, меѓутоа и  реална финансиска состојба на ниво на задолженост од бруто-домашниот производ да произведе, да креира нови пруги и квалитетно да ги одржува постоечките, а да не го надмине пропишаниот лимит кој е реално дозволен и кој реално можеме самите да си го дозволиме и да го сервисираме. Сето ова предизвикува милион прашања и милион одговори за кои сум убеден дека сите заедно можеме да ги донесеме и обезбедиме, ама уште поважно е сите заедно да учествуваме во креирањето прво, на позитивната атмосфера, водејќи сметка дека сакаме да станеме видливи, сакаме македонските граѓани да  забележат дека некој сериозно и посветено инвестира во железниците, дека се обидува да ги врати на вистинското место за да можат да придонесуваат не само кон поквалитетен живот на граѓаните, туку истите да придонесуваат и на можеби уште поважно ниво, зголемување и помош на македонската економија и конкурентноста на истата, зошто во моментов македонската економија е на НАТО пазарот. Очекувам дека за многу брзо време истата ќе излезе на европскиот пазар. Конкурентноста на истата подразбира дека една од варијаблите е квалитетен и евтин транспорт што железницата може да им го понуди на своите корисници.

Лидија Велковска

Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан