• среда, 25 декември 2024

Лимани: Зголемена поддршка за ранливите граѓани и воведување парична помош за лицата без горни екстремитети

Лимани: Зголемена поддршка за ранливите граѓани и воведување парична помош за лицата без горни екстремитети

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Зголемување на гарантирана минимална помош за 10 отсто, на посебниот додаток за 30 проценти, на паричната помош за квадриплегија за 50 отсто, за потполно глуви лица за 20 отсто, на правото на надоместок на плата за скратено работно време за родители поради нега на дете или лице со телесна и ментална попреченост и најтешки хронични заболувања за 30 проценти, како и воведување ново право на парична помош за лицата без горни екстремитети, најави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани. 

Како што истакна Лимани на настанот Платформа: 100% посветени за тебе - „Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“, се предвидува и програма за вработување на најмалку едно лице со попреченост во сите јавни институции, но допрва ќе се утврдува соодносот, дали ќе биде еден спрема 20, 30 или 50.

Владата, додаде министерот, планира и посебни програми за лицата со попреченост кои ќе почнат сопствен бизнис, како и програма за вработување деца без родители и родителска грижа по наполнување на 18 години.

-Планираме и обезбедување нови 1 500 аудио книги за лица со оштетен вид, изградба на патеки за слепи лица во сите градови, воведување избирачки лист со брајово писмо, факсимилот да стане официјален потпис, обука на толкувачи на знаковиот јазик, поддршка за унифицирање на знаковниот јазик,... На деца и лица со попреченост ќе им се доделуваат вредносни ваучери за набавка на асистивна технологија и материјали. Предводуваме и воспоставување десет шалтери за жени кои се жртви на насилство, прво во десет градови, но не само таму паралелно работиме на проширување на социјлните услуги во цела држава, подвлече министерот.

Го спомна и покачувањето на пензиите, а се планира, рече, и изградба на најмалку пет пензионерски домови.

-Планираме да има домови во секоја општина. Зависно од тоа каде ќе се побара, таму ќе изградиме. Планираме и обезбедување пензија плус плата, односно ќе овозможиме секој пензионер по денот на пензионирање да остане на работа ако фирмата или институцијата има потреба од него, објасни Лимани.

Сите овие активности и проекти се само 30 отсто од она што Министерството планира да го реализира. мч/aa/

фото: принт скрин

Остани поврзан