• сабота, 23 ноември 2024

Лидерите на ЕУ повикуваат на итна деескалација на Косово

Лидерите на ЕУ повикуваат на итна деескалација на Косово

Брисел, 30 јуни 2023 (МИА) - Лидерите на земјите членки на ЕУ денеска во Брисел ги усвоија заклучоците од дводневниот самит на кој, меѓу другото, ги осудуваат насилните инциденти на северот на Косово, повикуваат на итна деескалација, во спротивно предупредуваат на негативни последици.

Во своите заклучоци, шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ повикуваат на итна деескалација на северот на Косово, врз основа на планот на Унијата од 3 јуни, кој предвидува повлекување на косовските полицајци и српските демонстранти од областа на зградите на локалната самоуправа, распишување нови избори со учество на Срби и целосно спроведување на договорите постигнати во дијалогот.

-Партиите треба да создадат услови за вонредни избори во четири општини на северот на Косово. Неуспехот да се деескалираат тензиите ќе има негативни последици, се вели во заклучоците, јави Бета.

Се додава дека е неопходно да се продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ и брзо да се имплементира Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија и неговиот анекс за спроведување, кој, како што се наведува, вклучува формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово.

Во заклучоците, лидерите на земјите-членки на ЕУ ја истакнаа нивната „целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и поддршка за забрзување на пристапниот процес“, осврнувајќи се на декларацијата за Западен Балкан -Самитот на ЕУ во Солун во 2003 година и заклучоците од самитот за проширување во јуни 2022 година.

Главните теми на дводневниот самит на ЕУ беа продолжување на воената и финансиската поддршка за Украина, европската миграциска и азилантска политика и односите со Кина и тензиите во Косово. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан