• сабота, 23 ноември 2024

Лидерите на ЕУ повикаа на борба против дезинформациите, манипулациите и странското мешање во изборните процеси 

Лидерите на ЕУ повикаа на борба против дезинформациите, манипулациите и странското мешање во изборните процеси 

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Во контекст на претстојните европски избори, Европскиот совет ја нагласува решеноста на Унијата и нејзините земји членки внимателно да ги следат и да ги посочат сите ризици кои произлегуваат од дезинформациите, вклучително и со користење на вештачка интелигенција, како и од манипулациите со странски информации и мешањете во изборните процеси, се наведува во заклучоците од првиот ден на Специјалниот самит на ЕУ. 

- Европскиот совет ги повикува институциите на ЕУ и националните власти да соработуваат за овие прашања, се вели во заклучоците од оваа последна предвидена средба на шефовите на држави или влади на членките на Унијата пред европските избори во јуни.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во делот од заклучоците посветен на Украина, лидерите ја реафирмираат својата целосна и непоколеблива поддршка на земјата, нејзиниот народ и нејзините независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признатите граници. 

- Европскиот совет силно ги осудува континуираните воздушни и ракетни напади на Русија против цивилите во Украина и цивилната и критична инфраструктура, вклучително и неодамнешното засилено таргетирање на енергетскиот сектор. Европската Унија и нејзините земји членки ќе го интензивираат обезбедувањето хуманитарна помош и помош за цивилна заштита, вклучително и опрема, како што се генератори за струја и енергетски трансформатори, се наведува во документот. 

Лидерите на ЕУ, исто така, ја нагласуваат потребата итно да се обезбеди противвоздушна одбрана на Украина и да се забрза и интензивира испораката на сета потребна воена помош, вклучително и артилериска муниција и проектили.  

- Европскиот совет го поздравува постигнатиот напредокот околу предлозите за користењето на вонредните приходи кои произлегуваат од замрзнатите руски средства во корист на Украина и повикува на нивно што брзо усвојување. Ќе се обезбеди воена поддршка со целосно почитување на безбедносната и одбранбената политика на одредени земји членки и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите земји членки, се додава во заклучоците. 

Во однос на состојбите на Блискиот Исток во документот се наведува дека Советот на ЕУ силно и недвосмислено го осудува иранскиот напад врз Израел и ја повторува својата целосна солидарност со израелскиот народот и посветеност на безбедноста на земјата и на регионалната стабилност.  

- Европскиот совет го повикува Иран и неговите сателити да престанат со сите напади и ги повикува сите страни да покажат најголема воздржаност и да се воздржат од каква било активност што може да ги зголеми тензиите во регионот. Европската Унија ќе преземе дополнителни рестриктивни мерки против Иран, особено во однос на беспилотните летала и ракетите. Европската унија останува целосно посветена да придонесе за деескалација и безбедност во регионот, се наведува во заклучоците. 

Лидерите ја реафирмираат и својата посветеност да работи со партнерите за ставање крај на кризата во Газа без одлагање и за имплементација на Резолуцијата 2728 на Советот за безбедност на Обединетите нации, преку постигнување итен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници, како и обезбедување целосен, брз, безбеден и непречен пристап на хуманитарната помош за Палестинците на кои таа им е потребна.  

- Европската Унија останува цврсто посветена на траен и одржлив мир заснован на решението со две држави, се потенцира во заклучоците. 

Во делот од документот посветен на Блискиот Исток се нагласува и дека ЕУ е подготвена да работи со сите партнери за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите во регионот, пред се во Либан, при што се потсетува на нејзината силна поддршка за земјата и либанскиот народ и ги признава тешките околности со кои се соочува државата како резултат на регионалните тензии. - Европскиот совет ги повикува сите страни да се заложат за имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Во овој контекст, Европската унија останува посветена на стабилноста на Либан, вклучително и преку поддршка на неопходните реформи и зајакнување на својата поддршка за Либанските вооружени сили, се нагласува во заклучоците. 

Лидерите на ЕУ, исто така, ја потврдуваат и решеноста на блокот да ги поддржи најранливите луѓе во Либан, вклучително бегалците, внатрешно раселените лица и заедниците на кои им е потребна помош, како и да обезбеди поддршка за борба против трговијата со луѓе и криумчарењето.  

- Европскиот совет ја потврдува потребата да се постигнат услови за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци, како што е дефинирано од УНХЦР. Со оглед на Осмата бриселска конференција за Сирија, Европскиот совет ги поканува високиот претставник и Комисијата да ја разгледаат и подобрат ефективноста на помошта на ЕУ за сириските бегалци и раселените лица во Сирија и во регионот и ги повикува сите донатори да го задржат или зголемат нивото на помош за нив, се додава во документот. 

Во однос на Турција, во заклучоците се наведува дека лидерите одржале стратешка дебата за односите ЕУ-Турција, врз основа на Заедничката изјава на високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност и на Комисијата за состојбата на политичките, економските и трговските односи ЕУ-Турција.  

- Европската унија има стратешки интерес за стабилен и безбеден амбиент во Источниот Медитеран и за развој на кооперативни и заемно корисни односи со Турција. Европскиот совет му дава задача на Корепер, почитувајќи ги надлежностите на релевантните институции, да ја унапреди работата на препораките од Заедничката изјава во согласност со претходните заклучоци на Европскиот совет и на фазен, пропорционален и реверзибилен начин, да даде дополнителни насоки до Европскиот совет. Сопствениот конструктивен ангажман на Турција ќе биде клучен за унапредување на различните области на соработка идентификувани во Заедничката изјава, се наведува во заклучоците. 

Во тој дел, се потенцира и дека во понатамошно унапредување на соработката со Турција, Европската Унија придава особено значење на продолжувањето и напредокот во разговорите за решавање на кипарското прашање. 

- Европскиот совет останува целосно посветен на сеопфатно решавање на кипарскиот проблем, во рамките на ОН, во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и во согласност со принципите на кои е основана Унијата и правото на ЕУ. Европскиот совет го поздравува назначувањето на Марија Анхела Олгуин Куељар за лична пратеничка на генералниот секретар на ОН за Кипар. Европската унија е подготвена да игра активна улога во поддршката на сите фази на процесот предводен од ОН, со сите соодветни средства на располагање, се додава во заклучоците. 

Самитот продолжува денеска со дебата по Извештајот за иднината на единствениот европски пазар, изработен од претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан