• вторник, 26 ноември 2024

Лига на шампиони: Алонсо на располагање има само 13 фудбалери

Лига на шампиони: Алонсо на располагање има само 13 фудбалери

 

Леверкузен, 25 ноември 2024 (МИА) – Германскиот фудбалски првак Баер Леверкузен има голем проблем со отсутни фудбалери пред утрешниот натпревар од 5. коло во Лигата на шампиони против австриски Салцбург за кој тренерот Чаби Алонсо на располагање има само 13 играчи.

Последниот играч кој отпадна поради повреда е францускиот напаѓач Мартин Териер. Напаѓачите Јонас Хофман и Виктор Бонифас, крилниот напаѓач Амине Адли и дефанзивците Норди Мукиеле и Жануел Белосијан се надвор од терените од претходно.

„Доколку сакаме да имаме шанса да влеземе меѓу осумте најдобри, следните два натпревари на домашен терен се клучни. Знаеме колку се важни претстојните натпревари против Салцбург и Интер. Салцбург игра со многу интензитет и динамика. Сакаме да освоиме важни бодови во БајАрена“, изјави Алонсо.

Германските медиуми пренесуваат дека Алонсо речиси и да нема алтернативи во нападот и одбраната, а кон тимот се приклучи и 16-годишниот Бен Хавигхорст.

„Доколку спортскиот директор ми даде договор како играч, можеби и јас би можел да играм“, рече Алонсо низ насмевка. „Сепак, имам договор само како тренер, така што не смеам да играм“. ег

ФОТО: Икс

 

Остани поврзан