• среда, 19 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Легендарниот тренер Зденек Земан доживеа мозочен удар

Легендарниот тренер Зденек Земан доживеа мозочен удар

Рим, 27 февруари 2025 (МИА) - Легендарниот тренер Зденек Земан (77) доживеал мозочен удар, објави „Газета дело Спорт“. Легендарниот чешки фудбалски тренер утрово е хоспитализиран во критична состојба во римската болница „Гемели“. Тој е на одделот за невролошка интензивна нега, недалеку од местото каде што се лекува папата Франциск. Примен е поради отежнато изговарање зборови и слабост во десната нога.

Земан неколку дена се борел со тешки симптоми на грип, што го загрижило неговото семејство. Тој утрово е итно хоспитализиран, а лекарите прават дополнителни тестови за да ја утврдат неговата состојба, додава италијанскиот медиум.

Ова не е прв пат Земан да се соочи со сериозни здравствени проблеми. Во октомври минатата година доживеа исхемичен напад, сличен на мозочен удар, додека шест месеци пред тоа мораше да ја напушти клупата на Пескара поради проблеми со срцето. Токму поради овие претходни проблеми неговата моментална состојба предизвикува дополнителна загриженост, иако лекарите тврдат дека неговиот живот не е во опасност, пишува „Газета дело Спорт“.

Земан, кој има одиграно 1.132 натпревари за професионални клубови, е еден од култните тренери на италијанскиот фудбал. Од 1981 година до денес ги тренирал Палермо, Ликата, Фоџа, Парма, Месина, Лацио, Рома, Фенербахче, Наполи, Салернитана, Авелино, Лече, Бреша, Црвена Звезда, Каљари, Лугано и Пескара, кој му беше последен клуб и со кој раководеше до пред неколку дена.

Двапати ја освои Серија „Б“ - во 1991 година со Фоџа и во 2012 година со Пескара. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан