• четврток, 12 февруари 2026

Левицата поднесе амандмани за Кривичниот законик

Левицата поднесе амандмани за Кривичниот законик

Скопје, 22 јануари 2026

Левицата поднесе амандмани на предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик предложен од пратениците од ДПМНЕ, насочени кон заострување на казнената политика за делата за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за несовесно работење во службата, се вели во соопштението од партијата, што МИА го објавува интегрално.

Иако ДПМНЕ овие измени сака да ги претстави како санација на штетните измени на Кривичниот законик од 2023 за кои тие обезбедија кворум и врз основа на кои измени застареа над 80 предмети и се амнестираа нивни функционери - фактички, малициозно, манипулативно тие ја ублажуваат казнената политика и го олабавуваат обемот од претходниот Кривичен законик.
Дополнително, како што укажавме и претходно, со предложениот текст од ДПМНЕ се создава правна рамка, која овозможува побрзо застарување, поблаги санкции и реална можност за условни казни за најтешките форми на корупција.

Поднесените амандмани од Левицата се во насока на укажувањата на Уставниот суд и потребата од заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции имајќи предвид дека искуството ни покажува дека тие често се склони кон злоупотреби за време на вршењето на својот мандат.

Имено, наместо предложената екстензивна одредба, која намерно предвидува дупки во злоупотребата на службената положба при вршењето јавни набавки, Левицата предложи зголемување на казната и враќање на старата одредба, која едноставно го опфаќа секој елемент од злоупотребата при овој процес, а предложи и прибавената имотна корист при злоупотребите на позицијата да биде одземена.

За делото несовесно работење во службата, покрај заострувањето на казните, Левицата амандмански предложи и министрите, директорите, односно службените лица од органите на државната управа, да одговараат, што не е предвидено во измените предложени од пратениците од ДПМНЕ. Кон ова во амандманот се предлага казнување и доколку делото е сторено од небрежност.

Левицата го потсетува владејачкото мнозинство дека јавноста е крајно огорчена и дека високата корупција и криминалот на носителите на јавни функции не може повеќе да останат без вистински одговор. Секое одложување или попуштање, само ја продлабочува недовербата во правниот систем и ја легитимира злоупотребата на службената положба.
Оттука, ги повикуваме пратениците на утрешната комисиска седница да ги поддржат амандманите на Левицата.

ПП Левица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан