• недела, 24 ноември 2024

Левица од Охрид посочува на финансиски малверзации од страна на градоначалникот Пецаков

Левица од Охрид посочува на финансиски малверзации од страна на градоначалникот Пецаков

Охрид, 17 јануари 2024 (МИА) – Охридскиот огранок на партијата Левица го обвини градоначалникот Кирил Пецаков дека сам себеси си префрлил 15 милиони денари општински средства.

Според соопштението од партијата, Пецаков парите ги префрлил на сметката на Градскиот ракометен клуб „Охрид“, каде тој фигурира како стопровцентен сопственик, односно сопственик на 250-те акции.

На тој начин, според Левица, „бившиот ракометар Пецаков, а сегашен градоначалник си ги пикнал рачињата во медот и заедно со овластеното лице Ристо Китески, братучед на секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, за чиј непотизам Левица Охрид веќе во неколку наврати ја информираше охридската јавност, неизвршните членови, новинарот Горан Момироски, Виктор Мизо ( поранешен прв човек на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони ДТИРЗ), Наум Бабачев и Славчо Ристески, близок соработник на Пецаков, инаку вработен во ЈП Комуналец и директор на ГРК Охрид си добиле од Општина Охрид“ 15 милиони денари како директна поддршка и 600 илјади денари за организација на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски -  Усташ“.

Од партијата го повикуваат Основнот јавно обвинителство во Охрид да ги истражи податоците што се појавиле во медиумите и пред јавноста, како информации од јавен карактер и доколку се докаже вина, Пецаков да одговара согласно член 353 од Кривичниот законик.

„Ако Кирил Пецаков е градоначалник не значи дека е недопирлив. Законите во Република Македонија треба да важат за секој граѓанин подеднакво“, се посочува во партиското соопштение.

Во меѓувреме, се огласи и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој за утре најави прес-конференција на тема „Финансиската состојба на Општина Охрид“. аб/sa/

Фото:Левица

 

Остани поврзан