• среда, 27 ноември 2024

Лани за 25 отсто зголемена вредноста на трансакциите направени кон интернет продавниците во земјава и странство, во првата половина од годинава раст од дополнителни 18,5 отсто 

Лани за 25 отсто зголемена вредноста на трансакциите направени кон интернет продавниците во земјава и странство, во првата половина од годинава раст од дополнителни 18,5 отсто 

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во земјава во текот на 2022 година, изнесува 550,2 милиони евра и има пораст од 25 отсто во однос на 2021 година. Во првата половина од оваа година растот споредено со првото полугодие лани изнесува 18,5 отсто.

Ова, како што беше истакнато на Шестата конференција за е-трговија во организација на Асоцијација за е-трговија на Македонија (АЕТМ) што денеска се одржува во Скопје под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција”, го покажуваат податоците на Народната банка што се обработени во анализата со наслов „Преглед на е-трговијата во Р.С. Македонија и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, 2023 година“.

-Дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба, покажува и фактот дека и понатаму има пораст на бројот, кој во јуни 2023 година изнесувал 1939 интернет-продажни места. Имајќи го предвид значењето на понудата за раст на оваа индустрија, а со цел да се добие појасна слика АЕТМ спроведе и емпириска анализа за уникатниот број на е-трговци според утврдена методологија. Сознанијата се прилично изненадувачки, односно бројот на активни е-трговци во земјава е помалку од половина од бројот на интернет-продажни места кои ги следиме по извештаите на Народната банка, рече претседателката на АЕТМ Нина Ангеловска при презентацијата на анализата.

Нагласи дека потенцијалот за раст на е-трговијата зависи од повеќе алки во синџирот на е-трговијата, кој во анализата се следи преку Индексот за логистички перформанси и Индексот за подготвеност за мрежна поврзаност.

-Меѓу слабостите кои беа детектирани е индикаторот Меѓународни испораки од индексот за логистички перформанси. Тоа е предизвик кој беше детектиран и со минатагодишното истражување за геоблокирање на ЦЕФТА пазарите подржано од ЦЕФТА секретаријатот. Геоблокирање постои меѓу овие пазари во е-трговијата, а како главна причина е наведена скапата испорака и царинските давачки, посочи Ангеловска и додаде дека сите детектирани предизвици од анализата преставуваат основа за креирање на иницијативи и препораки за делување.

Таа истакна дека трета година во анализата се става посебен фокус на прогресот на е-трговијата во земјите од Западен Балкан.

-Сите земји од Западен Балкан се слични кога станува збор за развојот на е-трговијата, имаме многу заеднички карактеристики, некои земји се подобри од другите, но сите се рангирани најниско споредено со европските земји, притоа некои се движат побрзо некои побавно. Според употребата на интернет Македонците со 88 отсто заедно со Црногорците се најдобри од балканските земји. Кога станува збор за онлајн купување Србите се најдобри со 63,5 отсто од интернет корисниците, Македонците 49,5, а најмалку Црногорците, истакна Ангеловска.

Амбасадорката на Сојузната Република Германија во земјава Петра Дрекслер во своето обраќање на отворањето на конференцијата исткана дека Германија е силен поддржувач на регионалната интеграција која ги зближува земјите од Западен Балкан и Европската Унија. 

-Е-трговијата може да игра клучна улога во регионалната економска интеграција. Гласот на бизнис лидерите, на експертите и на претставниците на приватниот сектор ќе помогне регионалната интеграција да биде успешна и токму тоа е намерата на конференцијата. Оваа конференција ги зближува бизнис лидерите, експертите и претставниците на приватниот сектор од регионот, како и многу партнери и поддржувачи. Дигитализацијата не зближува заедно, а е-трговијата ни овозможува да продаваме и да купуваме преку границите и затоа може да биде една од клучните области на регионалната интеграција, рече Дрекслер. 

Во пракса, посочи, се е многу покомплицирано.

-Затоа мора да се поедностават процедурите и да бидат маргинализирани законските рамки, а да бидат зајакнати регионалните стандарди, рече Дрекслер.

Раководителот за соработка во Делегацијата на ЕУ Штефан Худолин посочи дека е-трговијата е целосно интегриран и важен дел од заедничкиот пазар на Европската Унија, односно дека купувањето електронски е секојдневие за луѓето во ЕУ, каде 75 отсто од купувачите купуваат стоки и услуги online.

-Натамошниот развој на заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан значи дополнителен пазар од 18 милиони потрошувачи. Проценките се дека може да придонесе за зголемување на БДП на регионот за 10 отсто. Новиот План за развој на Европската Унија за Западниот Балкан, презентиран минатата недела, има за цел отворање на вратите за земјите од Западниот Балкан кон заедничкиот пазар на ЕУ, вклучително за е-трговијата, царинската соработка, намалување на трошоците за прекуграничните плаќања, патниот траснпорт, електричната енергија, роамингот. Европската Унија ќе го поддржи овој процес со зголемена финансиска поддршка за регионот вредна 6 милијарди евра, преку грантови и заеми. Целта е да им овозможиме на нашите партнери да ги поттикнат реформите и инвестициите и да го забрзаат процесот на проширување и развојот на нивните економии, рече Худолин.

На конференцијата има преку 600 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 30 еминентни говорници од земјата и странство. Важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, но и за значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет ќе бидат главните теми на годинашното издание кои ќе бидат претставени низ три презентации, две студии на случај и четири панел сесии и презентации на успешни приказни од регионот.

На конференцијата ќе се обратат еминентни странски говорници, меѓу кои Стефан Ковачевиќ, Глобален дигитален лидер во Нестле („Nestlé“), Каи Херзбергер, Групацискиот директор на Мета за ЕМЕА, Саманта Тилет, Глобална директорка на партнерствa со Амазон во HTTPool by Aleph, и многу други. Ќе можат да се слушнат четири панел дискусии на кои ќе учествуваат бројни домашни и странски експерти, меѓу кои на првата панел дискусијата на тема „Регионални VS. Глобални пионери: Усовршување на маркетплејс сцената“ ќе се обратат претставници од брендовите Ананас, Заландо и Алегро, во втората панел сесија „Успешни приказни и научени лекции: Унапредување на прекуграничната е-трговија“ ќе се даде фокус на прекугранична е-трговија, во третата панел сесија на тема „Истражување на пејсажот за е-плаќања во е-трговија“ ќе разговараат претставници од Народната банка, Мастеркард, НЛБ Банка и PwC и четвртата панел дискусија ќе биде на тема „Револуцијата на маркетингот за перформанси: Работење управувано од податоци“ каде што ќе се стави фокус на искористување на маркетинг податоците и вештачката интелигенција за раст на бизнисите. вј/нд/ 

Фото: МИА

 

Остани поврзан