• вторник, 24 декември 2024

Лазаров и Митревски: Имаме шанси против Аргентина

Лазаров и Митревски: Имаме шанси против Аргентина

Краков, 16 јануари 2023 (МИА) – По двата воведни убедливи порази од Норвешка и Холандија, македонската ракометна репрезентација утревечер (18 часот) во Краков е пред императив да ја совлада Аргентина во последното коло од групата Ф и со победа да избори пласман во главната рунда од групната фаза на Светското првенство во Полска и Шведска.

- Дојдовме тука со цел да ја минеме првата фаза и утре е главната битка за нас со Аргентина. Станува збор за екстра квалитетен противник кој и вчера со Норвешка покажа дека игра цврст и добар ракомет. Сметам дека сме тука некаде со квалитетот, доколку сакаме да победиме мора да одиграме максимално во сите шеесет минути, изјави селекторот Кирил Лазаров на денешната средба со новинарите во Краков.

Рече дека доколку сакаме да славиме, мора да бидеме сконцентрирани.

- Треба да учиме од грешките, имаме многу простор за напредок. Доколку сакаме да славиме, мора да бидеме сконцентрирани и фокусирани, да се обидеме да играме без голема емоција, едноставно да научиме да победуваме. Се надевам ќе бидеме комплетни, иако ситуацијата со Томи Јагуриновски не е сјајна, рече Лазаров.

Оптимистички расположен пред утрешниот дуел е и голманот Никола Митревски, кој истакна дека клучно ќе биде македонските ракометари да го намалат бројот на технички грешки.

- Со Аргентина сметам дека имаме реални шанси да победиме. Како и секогаш, и кога сме имале добри или лоши натпревари, голманите зависат од одбраната. Без силна одбрана, ти можеш да имаш и 15 интервенции, а тоа е бадијала. Се надевам ќе бидеме сконцентрирани, прелесно паѓавме, со една грешка или загубена топка. Доколку го избришеме тоа во нашата игра, имаме шанса да се носиме со посилни од нас. Сите играат брзо, трчаат тие, а трчаме и ние. Кој ќе направи помалку грешки, тој ќе победи, истакна Митревски. ег/бак/

Остани поврзан