• четврток, 26 декември 2024

Куќата на Европа во Струмица одбележа една година успешна работа

Куќата на Европа во Струмица одбележа една година успешна работа
Струмица, 21 февруари 2022 (МИА) - По повод една година активно работење на „Куќата на Европа“ во Струмица, денеска во официјална посета на општината престојуваа претставници од дипломатскиот кор во нашата земја. Делегацијата составена од Евроамбасадорот Дејвид Гир, заменик-амбасадор на Европската Унија, Џулијан Васало, германската амбасадорка, Анке Холштајн, амабасадорот на Словенија, Милан Предан, амбасадорката на Хрватска, Нивeс Тингањ и Димитар Карастојанов заменик амбасадор на Бугарија во државата, остварија официјална средба со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. На средбата се разговараше за високото ниво на соработка помеѓу Европската унија и Општина Струмица, каде посебен акцент беше ставен на улогата на младите во општествениот живот. Како дел од програмата, гостинската делегација придружена од градоначалникот на Општина Струмица и градоначалници од Југоисточниот регион присуствуваа на свеченоста по повод одбележување на една година активна работа на „Куќата на Европа“ Струмица, која во изминатата година реализираше преку 180 настани со повеќе од 8.000 присутни. Во фокус на младите беа различни проекти од областа на уметноста и културата кои ги доближија европските вредности до младите Струмичани, истовремено збогатувајќи го нивното секојдневие. Во оваа прилика, амбасадорот Гир и градоначалникот Костадинов ги охрабрија младите струмичани и понатаму да продолжат посветено да работат на нови иницијативи и проекти за развој и негување на позитивни вредности во нивниот град. -Пред точно една година, Европската Делегација го предаде клучот од „Куќата на Европа“ на младите во Струмица, симболично доверувајќи им ја европската иднина. Денес, искрено сакам да честитам и да го поздравам реализираното во изминатата година. Од суштинска важност е посветеноста на сите активни учесници во проектот и нивниот фокус кон градот, Општина Струмица, но и кон овој микро регион во југоистокот на државата. Во оваа прилика, сакам да честитам и да се заблагодарам за несебичната и безрезервна поддршка од Општина Струмица и секако да ги охрабрам сите учесници од „Куќата на Европа“ да продолжат мотивирани, со уште посилно темпо, во развојот и промовирањето на европските вредности, потенцираше амбасадорот Дејвид Гир. Градоначалникот на Струмица истакна дека денес Европа е во Струмица. -Денес, Делегацијата на Европската унија и сите присутни европски амбасадори уште еднаш нѐ охрабрија и потврдија дека со реализација на заеднички проекти, преку взаемна почит, доверба, труд и посветена работа, европските резултати во Струмица се гарантирани. Продолжуваме со љубов да работиме на зацртаните планови и проекти за европеизација на нашата општина. Оваа визија ја потврдуваме и со кандидатурата за европска младинска престолнина за 2025 година, кое претставува поттик за сите нас уште повеќе да се ангажираме. Верувам дека таа заложба ќе биде препознаена и поддржана од сите европски aвторитети, изјави Костадинов. Високата делегација составена од дипломатски кор имаа можност да проследат изложба на отворено и музички перформанс на младите активисти учесници во проектот „Куќата на Европа“, по што присутните имаа можност да ги разменат своите искуства и мислења од изминатата година активна работа. На крај на официјалната посета Делегацијата ќе разгледа и изложбата на најстари икони од Струмичкиот регион како можност за уште подобро запознавање со богатата историја и култура на Струмица и струмичкиот регион. рт/аа/  

Остани поврзан