• среда, 18 декември 2024

Костовски: Во време на криза референдумот е излишна инцијатива и ретрограден процес

Костовски: Во време на криза референдумот е излишна инцијатива и ретрограден процес
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - По утврдување на оваа обврска на Собранието ние ќе се изјасниме како пратеничка група. Ние како владејачко мнозинство, неколку пати во изјавите и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, истакна дека ова е ретрограден процес кој што единствено ќе ја одведе Република Северна Македонија во некои изолации, во некои минати времиња и воопшто не сме на иста линија кога размислуваме како да се изоди Европскиот пат на нашата држава, изјави пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски во врска со Иницијативата за референдум на ВМРО-ДПМНЕ. Во денешната изјава пред Собранието на Република Северна Македонија, Костовски истакна дека организирање референдум е демократско право. - Организирање референдум е демократско право и ние како плурална демократија и демократска држава секогаш сме на иста страна со почитувањето на можностите и правата кои ги имаат сите граѓани, вклучително и политички партии. Но, едноставно, мислам дека во време на криза, во време на тешка економска и енергетска состојба на Европа, светот и нашата држава, ова се излишни инцијативи и ретроградни процеси кои ја враќаат државата во некои мрачни, изолациони времиња, рече тој. Прашан дали доколку помине иницијативата СДСМ има изградено став, дали ќе повика на бојкот или активно ќе учествува и гласа против, тој кажа дека прво Собранието треба да ја провери уредноста на Иницијативата, потоа ќе информираат благовремено. Во врска со прашањето за тројното изјаснување за референдум, предвремени парламентарни и претседателски избори кое го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тој одговори дека тоа е неодговорност во време на, како што рече, „крајно сериозни неколку идни месеци во делот на економската и енергетската криза. ар/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан