• среда, 18 декември 2024

Косовски институт за правда: Премиерот и пет министри од косовската Влада имаат проблеми со законот

Косовски институт за правда: Премиерот и пет министри од косовската Влада имаат проблеми со законот

Приштина, 12 декември 2024 (МИА) – Косовскиот институт за правда (КЈИ) денеска објави извештај во кој се наведува дека шест членови на Владата на Косово – премиерот Аљбин Курти и пет министри – имаат „проблеми со законот“.

Истражувачот на овој институт, Флоријан Смајли, на прес-конференција рече дека активни обвиненија имаат министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља, министерката за образование, наука и технологија Арберие Нагавци, министерката за правда Аљбулена Хаџиу и министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала, нагласувајќи дека принципот презумпција на невиност мора секогаш да се почитува, пренесе Бета.

Според Смајли, во тие проблеми со законот спаѓаат дури и обвинетите и осудените за кривични дела од поглавјето корупција, кои ја извршуваат функцијата министер.

„Во моментов, според податоците од мониторингот на КЈИ, Владата ја сочинуваат шест лица (пет министри и премиерот) кои имале или имаат проблеми со законот. Изразено во проценти, 37,5 отсто од Владата е составена од луѓе кои имаат проблеми со законот“, рече Смајли.

Тој додаде дека четворица министри во Владата имаат активни предмети во судот, меѓу кои и случаи поврзани со кривични дела од поглавјето за корупција и кривични дела за злоупотреба на службената положба.

Според него, косовската Влада има луѓе со тешки казни, меѓу кои и премиерот, заедно со министерот за правда, кои во 2018 година беа осудени за употреба на оружје или опасно орудие и попречување на службено лице.

„Поради овие пресуди, Централната изборна комисија не ги потврди за учество на општите избори во 2021 година. Додека во 2022 година, министерката Розета Хајдари беше осудена за непријавување или лажно пријавување богатство, приходи, подароци, други материјални придобивки или финансиски обврски. Станува збор за кривично дело од поглавјето за службена корупција и кривични дела против службената должност“, рече Смајли.

Тој изјави дека актуелната влада со своето ветување дека ќе се бори против корупцијата освои апсолутно мнозинство гласови што ниту една партија или коалиција досега го немала.

Извештајот „Владеење со чисти раце и истраги на корупцијата во Владата“ беше организиран како дел од „Неделата на борба против корупцијата 2024“ во организација на Коалицијата на граѓански организации (КИП, ФОЛ, ИНПО) под мотото „ Заедно против корупцијата“, со поддршка на американскиот Стејт департмент - Биро за меѓународни наркотици и спроведување на законот (ИНЛ).сд/

Остани поврзан