• недела, 24 ноември 2024

Косовските црногорци бараат од Тачи и Курти регулирање на формално-правната положба

Косовските црногорци бараат од Тачи и Курти регулирање на формално-правната положба

Приштина, 11 февруари 2020 (МИА) - Здружението на Црногоците на Косово упати барање до косовскиот претседател Хашим Тачи и премиерот Албин Курти за уредување на формално-правната положба на Црногорците во Косово и очекуваат од нив изработка на уставен амандман кој би бил разгледан и усвоен од Собранието, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од Здружението порачаа дека барањето го упатиле до сите пратенички групи, со цел „по 12 години да се дознае вистината кој е ‘За‘ а кој ‘притив‘ Црногорците да станат уставна категорија“.

Во соопштение до медиумите се потсетува дека за усвојување на таков амандман во косовското Собрание е потребно „двојно двотретиснко мнозинство односно двотретинско мнозинство на малцинските заедници и најмалку две третини од гласовите на присутните пратеници“.

Претседателот на Здружението Слободан Вујичиќ во соопштението додава дека од новиот премиер Курти бараат Владата „без одлагање да започне со целосна имплементација на Стратегијата за интеграција и афирмација на црногорската заедница на Косово, усвоена на 12 декември 2016 година и, врз основа на Законот за службени празници, Црногорците официјално да добијат свој Ден како и сите останати заедници во Косово“.

Овие барања и очекувања, според Вујичиќ, „се засноваат на фактот дека Црногорците се традиционална заедница во Косово, а во прилог на тоа сведочи историјата, монументалните споменици, етнолошкиот музеј и републичкиот статистички завод“.

- Нашето битисување на овие простори го потврдуваат и поранешните устави, додека Уставот од 1974 година препознава три народи на територијата на Косово, и тоа Албанците, Србите и Црногорците. Сегашниот Устав не го зема предвид принципот на стекнато право и црногорската заедница ја изопшти од највисокиот правен акт, се наведува во писмото на Здружението на косовските Црногорци упатено до Тачи и Курти. иа/ми/

Остани поврзан