• среда, 18 декември 2024

Косовската полиција продолжи со рации во северно Косово по експлозијата во каналот Ибар-Лепенец

Косовската полиција продолжи со рации во северно Косово по експлозијата во каналот Ибар-Лепенец

Приштина, 1 декември 2024 (МИА) – По терористичкиот напад од петокот ноќта, на 29 ноември, во селото Варага во општина Зубин Поток, во северно Косово, каде што како последица на експлозија беше оштетен водоводниот канал Ибар-Лепенец, денеска продолжија полициските контроли во местата во околина на инцидентот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата за невладината организација која го следи косовското правосудство, „Заклетва за правда“, ја даде Ветон Елшани, заменик-директор на полицијата за северниот регион.

- Имавме контроли и тие завршија, рече Елшани.

Експлозијата во каналот Ибар-Лепенец, која се претпоставува дека е извршена со околу 20 килограми експлозив, косовските власти, но и меѓународната заедница, ја опишаа како терористички чин. Според Владата во Приштина, одговорна за нападот е Србија.

Во врска со случајот, во вчерашната обемна акција на косовската полиција во северно Косово, населено со мнозинско српско население, уапсени се осум лица, а запленети се и бројни материјални докази, како и арсенал на оружје и муниција, експлозиви, разновидна опрема, вклучително и стотици униформи и воена опрема.

Министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли денеска соопшти дека водоснабдувањето на подрачјата погодени од терористичкиот напад утрово се нормализира. иа/ми/

Остани поврзан