• сабота, 23 ноември 2024

Комитетот за буџет на ЕП одобри над 700.000 евра помош на „стечајци“ од две белгиски фабрики

Комитетот за буџет на ЕП одобри над 700.000 евра помош на „стечајци“ од две белгиски фабрики

Брисел, 21 ноември 2024 (МИА) – Комитетот за буџет на Европскиот парламент денеска со 29 гласа „за“ и само еден „против“ го поддржа барањето на Белгија за доделување 704.135 евра помош за 632 работници отпуштени од фабриката за производство за грејни тела „Пурмо“ и од претпријатието за хартија „Сапи“, и двете во фламанската провинција Лимбург. 

Предвидено е средства за помош да бидат обезбедени преку Европскиот фонд за прилагодување на отпуштените работници на глобализацијата (ЕГФ).  

Во одлуката на Комитетот за поддршка на белгиското барање се посочува дека една третина од отпуштените работници се на возраст од 55 години, а 30 проценти се со ниско образование, што им претставува сериозен проблем за наоѓање нова работа. 

Фабриката на „Пурмо Груп“ во Зонховен прекина со работа како последица на падот на побарувачката на нејзините радијатори за 60 отсто, зголемените оперативни трошоци, влијанието на војната во Украина и одредбите од законодавството на ЕУ со кои се фаворизира употребата на алтернативни системи за греење. 

„Сапи“, пак , мораше да го затвори својот погон во Ланакен како резултат на процесот на дигитализација, што придонесе за намалување на потребата од хартија, како и по проценката дека промената на технологијата на производството би била премногу скапа. 

Средствата се наменети за реализација на проекти за преобука и стручно оспособување на работниците и за нивно советување околу идната професионална ориентација. 

Вкупните трошоци за овие проекти се проценети на околу 1,2 милијарди евра, од кои 60 проценти би биле обезбедени од ЕГФ, а преостанатите 40 отсто или околу 500.000 евра од Фламанската служба за вработување и стручна обука (ВДАБ). 

За предлогот на Комитетот за одобрување на помошта за отпуштените белгиски работници, Европскиот парламент ќе треба да се изјасни на пленарното заседание предвидено за од 16 до 19 декември во Стразбур. сп/

Фото: ЕК

Остани поврзан