• среда, 25 декември 2024

Ковачевски: Лидерската средба беше добра основа да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки

Ковачевски: Лидерската средба беше добра основа да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки

Скопје, 19 јуни 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска го повика ВМРО-ДПМНЕ да опстои на искажаното на прес-конференцијата по лидерската средба одржана на 7 јуни и заеднички да ги донесат одлуките што се значајни за иднината на државата. 

Смета дека она што е постигнато на лидерската средба е добра основа да се продолжи понатаму, да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа. 

- Лидерската средба даде неколку важни пораки. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ не е против промена на Уставот. Второ, дека не е против вклучување на други народи во Преамбулата на Уставот, вклучително и на деловите од бугарскиот народ. Трето, дека овој парламентарен состав има легитимитет тоа да го направи и четврто дека оваа Влада има легитимитет бидејќи ВМРО-ДПМНЕ побара да биде дел од Владата при што веднаш и беше понудено половина министерски места да и бидат отстапени. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Владата која ќе стапи на функција по отварањето на Уставот. И таа желба му беше исполнета така што практично сите работи што беа поставени, беа прифатени. Сметам дека тоа е одлична основа за работата да продолжи на оперативно ниво низ работни групи кои ќе можат да ги договорат деталите, изјави денеска Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по увидот на санација на систем за наводнување „Макарија“, кај Росоман.

Според Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во позиција која не е најпријатна бидејќи како голема партија немаат гласано за ниту една значајна одлука за државата.

- Не го поддржаа договорот со Грција, ниту членството во НАТО, ниту договорот со Фронтекс, ниту Преговарачката рамка. Сметам дека оваа е многу важна одлука за државата и треба да се направи заедно. Мислам дека тие ќе изнајдат сила да го направат тоа, рече Ковачевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не успеале ниту да излобираат кај тројцата пратеници од сестринските партии да гласаат за Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг. бак/аа/

Остани поврзан