• четврток, 26 декември 2024

Јавна седница на Агенција за пошти: зајакнати надзорните механизми и заштита на правата на корисниците 

Јавна седница на Агенција за пошти: зајакнати надзорните механизми и заштита на правата на корисниците 

Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Агенцијата за пошти денеска одржа јавна седница на која директорот Сретен Миладиноски информира дека се зајакнати се надзорните механизми и зголемена е заштитата на правата на корисниците.

Во своето обраќање, меѓу другото, директорот рече дека во поглед на годишната програма за вршење на надзор, таа целосно била имплементирана и дека надзорните механизми на Агенцијата се зајакнуваат, како и дека во 2024 година биле извршени вкупно 25 надзори. Констатирани биле прекршоци кај осум даватели на поштенски услуги по разни основи од Законот за поштенските услуги, за што биле издадени прекршочни платни налози и за правните лица и за одговорните лица во правните лица.

Зборувајќи за заштита на правата на корисниците, тој сподели дека во Агенцијата биле поднесени вкупно 20 претставки. Седум претставки се однесувале за услугите на АД „Македонска пошта“, додека пак 13 претставки за останатите даватели - „Брза пратка“ - Скопје, „Карго експрес“ - Битола, „Балкан деливери сервис“, „Интернешенел меил деливери“, „Виа пост“, „Мик-мик“ - Скопје, а оваа година бил поднесен само еден управен приговор.

- По сите поднесоци од корисниците на поштенски услуги е одговорено навремено, во законскиот рок. Во нив, корисниците најмногу биле незадоволни од начинот на кој се вршела доставата, вклучувајќи ја и доставата на нотарски пратки. Агенцијата внимателно ги анализира поднесоците од корисниците и оваа година врз основа на три претставки изврши вонредни надзори кај тројца даватели на поштенски услуги, соопшти Миладиноски.

Директорот истакна дека оваа година имало извршено најмногу надзори споредбено со претходните години.

- За првпат направивме средба со граѓани, караван, посетивме седум градови со поддршка на Народниот правобранител, и корисниците на поштенски услуги да знаат кои се нивните права, рече Миладиноски во изјава за медиуми. 

На новинарско прашање, дали понекогаш се загрозени правата на корисниците на поштенски услуги, тој одговори дека има такви корисници. 

- Оваа година имавме само 200 такви претставки што беа преку мејл, меѓутоа, сите беа добро решени, немаше некој проблем, додаде директорот. 

Во врска со Законот за поштенски услуги, одговори дека тој сега во ноември беше сменет. 

- Имаше една промена, каде се одложи либерализацијата на пазарот и е одложена до влезот на Европска Унија. Сега, засега, во најава сѐ уште нема некој нов закон, истакна тој. 

Запрашан што би требало да се подобри со овој закон, Миладиноски одговори дека тука прво треба да се разговара со повеќе институции, па да се преземат други мерки и чекори.

- Една работа што ние, како Агенција, би се залагале, некако да може да се укине или да се почне што повеќе со електронско плаќање, да нема што повеќе откуп на пратки со кеш пари, нагласи директорот. 

Запрашан околу тоа дека не може без лиценца да се биде давател на поштенски услуги и има ли во моментов такви, тој одговори дека направиле контроли за сите сознанија. 

- Доколку ги имало, тие се казнети. Ние сме транспарентни како Агенција за пошти. На нашата веб-страница се објавени сите даватели кои може да даваат поштенски услуги. Таму се 34 - 33 се на слободен пазар, еден е „Македонска пошта“ - национален оператор, појасни директорот во изјава за медиуми.

На настанот беше кажано дека АД „Пошта на Северна Македонија“ остварила повеќе вкупни приходи (1,5 проценти) во 2024 година - првото полугодие во однос на 2023 истиот период, а 1,9 отсто повеќе остварила приходи од обезбедување на поштенски услуги. Има зголемување од 27 проценти на приходите за првото полугодие на 2024 година кај даватели на поштенски услуги на слободниот пазар. бд/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан