• среда, 18 декември 2024

Ковачевски: Судството и обвинителството се независни и само тие можат да дадат одговори за процесите поврзани со нив

Ковачевски: Судството и обвинителството се независни и само тие можат да дадат одговори за процесите поврзани со нив
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вели дека како дел од извршната власт не сака и не смее да се меша во работата на правосудните органи, а со самото тоа и да ја коментира суспензијата на јавната обвинителка Вилма Русковска. - Тие институции не се во рамките на Владата, се работи за обвинителството и судството, така што за сите изјави и за сите елементи и факти во однос на тие процеси, единствено тие се тие кои што ќе можат да дадат дополнителна информација, вели премиерот Ковачевски во разговор за „Тема на денот“ на Сител ТВ, во врска со ставот на Русковска дека припадници на поранешна Влада се инволвирани во нејзиното разрешување. И да треба нешто да се истражи, потенцира тој, тоа треба да го направи обвинителството. - Сметам дека Владата не треба да се меша во работата ниту на обвинителството, ниту на судството. Тие имаат свој систем на работа и на функционирање, рече премиерот. Според него, обвинителството и судството се независни од Владата и воопшто од извршната власт. Тие, нагласи, според нашето уредување се независни во извршувањето на своите надлежности. Она што Владата, меѓудругото, има обврска да го направи е да подготви соодветни законски решенија и да обезбеди независен буџет, што веќе го има направено. Дополнително, нагласи премиерот, и во услови на криза платите им се зголемени, а не се намалени ниту капиталните инвестиции ниту за судството, ниту за обвинителството. Она што јас можам да го направам, нагласи премиерот Ковачевски, е да апелирам кога некоја институција работи независно и има независен буџет кој не е дојден од никаде, туку го плаќаат даночните оврзници, таа институција треба да возврати со ефикасна работа, а со тоа и да се здобие со доверба кај граѓаните. -Вие самите рековте дека има истражувања на јавно мислење кое вели дека кредибилитетот на институциите во судството и обвинителството е само осум проценти, а тоа значи дека само осум отсто од оние кои ја финансираат нивната работа ги сметаат за кредибилни. Затоа сметам дека овие институции треба соодветно на своите надлежности да ги зголемат своите перформанси за да го зголемат својот кредибилитет и ефикасноста на своето работење, рече Ковачевски. Би било пожелно, нагласи тој, доколку секоја институција вклучително и обвинителството и судството можат да се пофалат со транспарентност во која што ќе можат граѓаните кои што ги плаќаат даноците да знаат колку предмети се во обработка, колку биле од нив сработени, каков е резултатот. сст/нд/

Остани поврзан