• среда, 13 ноември 2024

Ковачевски со честитка за Божиќ: Раѓањето Христово е симбол за нов почеток, за нови можности што носат добро за сите

Ковачевски со честитка за Божиќ: Раѓањето Христово е симбол за нов почеток, за нови можности што носат добро за сите

Скопје, 7 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во чест на големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ, во име на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски синод, свештенството и монаштвото и до сите граѓани кои денеска празнуваат.

„Раѓањето Христово – Божиќ, секоја нова година, симболизира нов почеток и со тоа отвора нова можност, поискусни, помудри и со чисти мисли да пристапиме кон нови добри дела, што носат добро за сите. Само солидарни, истрајни во вербата и со храбри чекори напред, како што покажува и Христовото дело, можеме да го постигнеме посакуваниот спокој и да осигуриме просперитет. 

Божјата светлина нека засвети во сечие срце. Нека поттикне љубов, почит, грижа и разбирање дека на секој човек му се дадени овие универзални вредности, преку коишто може, треба и има лична одговорност да учествува во создавањето перспективен свет за сегашните и иднинте генерации. 

Овој празник нека ги осветли со надеж и со радост сите домови.

Посакувам празничните денови да ги поминеме во добро здравје, меѓу саканите, во мир и благослов. 

Христост се роди! Честит Божиќ!“, напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан, информираат од владината прес-служба. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан