• сабота, 27 јули 2024

Ковачевски: Со Законот за престојувалиште конечно ќе се стави крај на децениските проблеми

Ковачевски: Со Законот за престојувалиште конечно ќе се стави крај на децениските проблеми

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Со Законот за престојувалиште конечно ќе се стави крај на децениски проблеми за законско регулирање на престојот на лица, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.

- Знам дека пратениците веќе го донесоа Законот за матична евиденција, што им овозможува на 600 лица да се стекнат со извод од матична книга. Законот за престојувалиште, исто така, е во собраниска процедура и видов дека претседателот Пендаровски се видел со господинот Мисини и дека ги поттикнува исто како и јас сега што ги поттикнувам пратениците, што побрзо да го донесат и мислам дека со тоа, ќе се стави конечно крај на децениските проблеми со евиденцијата на неевидентираните лица коишто живеат во државата, а исто така и во делот на престојот на лица со регулирање законско, рече Ковачевски.

Според премиерот, станува збор за процеси што треба да бидат еден од приоритетите на пратениците пред годишните одмори.

Претседателот Стево Пендаровски информираше дека утрово го посетил активистот Суад Мисини, кој вчера почна штрајк со жед, со цел да им помогне на лицата кои имаат проблем со личните документи.

Тој му кажал на Мисини дека го потпишал Указот на законот со кој се изменува Законот за матична евиденција на граѓаните.

- Со овие измени, им се овозможува на над 600 наши граѓани да ги решат нивните проблеми и да добијат лични документи. Исто така со измените ќе се реши и проблемот со бездржавјанството и на секое дете кое ќе биде родено во земјата, затоа што ќе добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители имаат или немаат лични документи, додаде претседателот.

Потребно е, нагласи тој, што е можно поскоро да се направат измени и во Законот за живеалиште и престојувалиште, со што ќе се овозможи на уште една ранлива категорија граѓани да извадат лични документи. бд/сп/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан