• среда, 25 декември 2024

Кисела Вода го доби најголемиот парк на шахот во Македонија

Кисела Вода го доби најголемиот парк на шахот во Македонија

Скопје, 25 октомври 2024 

Нов модерен парк добија жителите на општина Кисела Вода. „Паркот на шахот”, лоциран во населбата 11 Октомври Бараки, се протега на 4000 м2. На просторот кој до неодамна беше дива депонија, сега жителите на општината добија за себе катче со современа урбана опрема, хортикултурно и партерно уредување, а во центарот на паркот се поставени статуетки-шаховски фигури, крал и кралица. Воедно, за шахистите и љубителите на шахот ќе има маси со шаховски табли.

- Со особено задоволство денес го отвораме новиот модерен „Парк на шахот“ во населбата 11 Октомври Бараки, кој се простира на површина од 4000 м². Наместo дивата депонија која тука постоеше, сега жителите на нашата општина добија прекрасно уредено катче, опремено со современа урбана опрема, хортикултурно уредување и шаховски маси, каде што љубителите на шахот ќе можат да уживаат во оваа интелектуална игра. Во самиот центар на паркот се поставени и шаховски статуетки на кралот и кралицата, симболизирајќи го значењето на шахот како игра која го поттикнува умот и развива стратегиско размислување.

Посебна благодарност упатувам до Шаховската федерација на Македонија и нејзиниот претседател, Саша Богдановиќ, за севкупната поддршка при реализацијата на овој проект. Ова партнерство е пример за тоа како заедно можеме да создадеме нешто вредно и трајно, нешто што ќе го збогати секојдневието на нашите граѓани.

Шахот, како игра на стратегија и размислување, носи многубројни придобивки – ги развива когнитивните способности, го зголемува фокусот и ги стимулира аналитичките вештини. Силно верувам дека ова ќе биде место за дружење, рекреација и опуштање за сите генерации, посебно шахистите и љубителите на шахот, кои сега ќе можат да уживаат во масите со шаховски табли, поставени специјално за нив.

Претворањето на поранешната депонија во зелен парк не е само голем естетски придонес, туку и важен еколошки момент, значаен за подобрување на квалитетот на животната средина во општината, а со тоа и за создавање на поубаво секојдневие за сите нас. Ова е уште еден пример за тоа како може да се трансформира едно некогаш запоставено место во простор за релаксација, дружење и забава, и сакам да најавам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина.

Апелирам до сите жители совесно да се однесуваат кон новопоставената урбана опрема и зеленило, бидејќи само заеднички можеме да го зачуваме и одржуваме оваа нова локација во општина Кисела Вода создадена за дружење и релаксација.

Општина Кисела Вода

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан