• вторник, 12 ноември 2024

Кина објави нови слики од Марс

Кина објави нови слики од Марс
Пекинг, 30 јуни 2022 (МИА) - По повеќе од една година на површината на Марс, кинеската сонда „Тjанвен-1“ направи снимки кои ја покриваат целата „Црвена Планета“, објави државната Кинеска национална вселенска агенција - КНВА, вчера. Меѓупланетарната мисија чие име, послободно преведено значи - „потрага по небесната вистина“, беше лансирана 2020 година и слета на Марс минатиот мај, кога роверот „Журонг“ тргна во „патролирање“ и истражување. „Тјанвен-1“ се состои од шест дела - орбитер, две подвижни камери, приземјувач, далечинска камера и самиот ровер, којшто е првиот на Народна Република Кина што некогаш слетал на друга планета. https://youtu.be/MhWLeFjUqeU Целите на вселенската мисија се повеќекратни - проучување на топографијата, геологијата на подрачјето, мразот, минералите, карпите, атмосферата... Во соопштението на КНВА се наведува дека сондата досега ги завршила сите задачи што ѝ биле доделени, вклучително и правење слики со средна резолуција што ја прикажуваат целата планета. Сликите, објавени на интернет, го покажуваат нерамниот терен на пејзажот на Марс - правливи црвени дини, вулкани, кратери од судирите со помали вселенски тела, ледената покривка на Јужниот Пол и карпите и гребените на кањонот Валес Маринерис - еден од најголемите во нашиот Сончев Систем. Сондата собра 1.040 гигабајти научни податоци, кои потоа беа обработени од научниците на Земјата и предадени на истражувачки тимови за натамошно проучување, соопшти КНВА. Агенцијата споделува информации за летот на орбитерот и со американската НАСА и Европската вселенска агенција - ЕСА.  си/сд/

Остани поврзан