• недела, 28 јули 2024

Карванот на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ во Гостивар

Карванот на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ во Гостивар
Гостивар, 25 февруари 2022 (МИА) - Какви профили на работници им се потребни на локалните работодавачи и како да се вклучат во нивното образование, на кој начин да соработуваат компаниите со училиштата за реализирање практична работа. Ова беа дел од темите на кои се дискутираше во салата на Советот на општина Гостивар како дел од дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ што го организира Министерството за образование и наука (МОН). Претставници на средните стручни училишта, бизнис секторот и локалната самоуправа имаа можност одблизу да се запознаат со предностите кои ги нуди програмата за дуално образование. Заменик-министерот за образование и наука Љулзим Алиу, рече дека многу е важно што новиот конкурс за упис нема да се изработува кабинетски, туку согласно потребите и напомена дека цел е отворање на стручни профили во средните училишта за кои ќе се утврди потреба во локалните заедници. - Заеднички изнаоѓаме решенија како да ги привлечеме учениците од завршната година во основните училишта, своето образование да го продолжат во некое од средните стручни училишта во општината каде што живеат, а со самото тоа да им обезбедиме сигурни работни места. Дијалогот ни овозможува и правилно насочување преку уписната политика за наредната учебна година, рече Алиу. Тој напомена дека оваа учебна година се отворени нови 97 дуални паралелки низ целата земја, во кои образованието го продолжија 1.400 учениците, што претставува огромен успех, ако се знае дека во минатото во државата функционираа само 11 дуални паралелки. Во Гостивар функционира една паралелка за струката машински техничар. Првиот човек на гостиварската општина, Арбен Таравари од ова гледа можност од која крајна корист ќе имаат помладите генерации. На тој начин тие ќе претставуваат добар потенцијал за развој на локалната заедница - Во нашата општина владее зголемен интерес за дуалното образование и очекувам вклучување на нови училишта и компании. Ова е убава идеја, а практичната работа не значи дека учениците само присуствуваат во производствениот процес, туку помагаат во работењето и истовремено учат, рече Таравари. Втора година по ред Министерството за образование и наука, локалните самоуправи и бизнис секторот заедно ги детектираат профилите кои недостасуваат во македонската индустрија и економија. Наташа Јаневска од Стопанската комора укажа дека оваа иницијатива треба да продолжи затоа што само со успешна уписна политика за креирање кадар што е потребен на компаниите може да имаме економски развој. Покрај тоа што добиваат образование кое им ги зголемува шансите за брзо вработување, учениците кои ќе одберат средно стручно училиште добиваат и стипендии од МОН, кои за запишаните во дуални паралелки се во висина од 3.500 денари. Дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ се реализира со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Платформата за јавен-приватен дијалог, во која се артикулирани интересите на четирите најголеми стопански комори.згм/вј/

Остани поврзан