• среда, 25 декември 2024

Истражување: „Ултрапреработената“ храна ја зголемува подложноста на болести

Истражување: „Ултрапреработената“ храна ја зголемува подложноста на болести

Гилонг, 1 март 2024 (МИА) - Јадењето „прекумерно обработена“ храна ја зголемува опасноста од развој од десетици неповолни и сериозни здравствени состојби, посочува новиот преглед на 45 мета-анализи којшто опфаќа речиси 10 милиони луѓе. Научниот труд е објавен во средата во списанието „Би-ем-џеј“ (The BMJ).

- Најдовме постојани докази што го поврзуваат поголемиот внос на тн. „ултрапреработена“ храна со преку 70 отсто од 45-те различни здравствени исходи што ги зедовме предвид, изјави Волфганг Маркс, виш научен соработник во Центарот за храна и расположение при Универзитетот „Дикин“ во Гилонг, Австралија.

Хајнц Фрајслинг, стручњак за рак од Светската здравствена организација, вели дека најмногу 10 отсто од храната може да се смета како „основна линија“ по којашто ако има поголем удел прекумерно обработени намирници - ризикот се зголемува. Тој не беше вклучен во испитувањата.

Според истражувачите, има убедливи докази дека високиот наспроти нискиот внос на ултраобработена храна може да ја зголеми можноста за појава на анксиозност до 53 насто, а опасноста од рана смрт од која било причина - за 20 насто.

И епидемиологот за рак Фанг Фанг Јанг, професор на Одделот за нутриционистичка епидемиологија при Универзитетот „Тафтс“ во Бостон во САД, која не е вклучена во новото истражување, се согласува со голем дел од наводите.

- Не е изненадувачки што има толку многу студии кои укажуваат на позитивна поврзаност меѓу потрошувачката на ултрапреработена храна и ризикот од различни исходи на болеста. Ултраобработената храна е богата со калории, додаден шеќер, натриум и малку влакна. Веќе е познато дека сите овие фактори придонесуваат за кардиометаболички здравствени резултати, зголемување на телесната тежина, дебелина, дијабетес тип 2 и хипертензија, рече Јанг.

Советите на стручњаците гласат:

1. Споредувајте ги етикетите на производите и одбирајте помалку обработени намирници. 

2. Она што го вклучувате е исто толку важно како и она што го исклучувате од исхраната. Во она што може да се додаде спаѓа и свежо, замрзнато или конзервирано овошје, зеленчук, грав, мешунки.

3. Внимавајте и на течностите. Напивките засладени со шеќер немаат хранлива вредност. Тоа треба да се замени со вода.

4. Рестораните и кафулињата се попрепорачливи наместо синџирите за брза храна. Во ресторан помала е веројатноста да се прави ултраобработена храна.  си/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан