• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Сјајот на „Diamond Dance Competition“ во Скопје

Сјајот на „Diamond Dance Competition“ во Скопје

Скопје, 9 април 2025 (МИА) - Љубителите на танцот, изминатиот викенд (5. и 6 април) имаа можност да го проследат интернационалниот „Натпревар на дијамантскиот танц“ (Diamond Dance Competition) којшто се одржа по вторпат во „Хотел Мериот“ во Скопје.

„Натпреварот се одржа во атмосфера исполнета со енергија, емоција и уметност, каде што учесниците од Македонија, Полска, Србија, Бугарија, Грција, Унгарија, Албанија и Босна и Херцеговина имаа можност да го покажат својот талент, труд и љубовта кон танцот. 'Diamond Dance Competition' беше повеќе од натпревар. Се разменуваа искуства, се стекнуваа нови пријателства, се инспирираше, мотивираше и дружеше“, соопшти организаторот.  

Натпреварувањето опфати класичен балет, модерен балет, латино и стандардни танци, хип-хоп, акробатски танц, инклузивен и пара-танц, диско и уличен танц итн. Стручната жири-комисија, составена од интернационално признати професионалци од танцувачката сцена, имаше предизвик да ги оцени изведбите според техничката прецизност, креативноста и сценската изведба.

„Особено емотивни беа настапите на инклузивните групи, кои со својата искреност, храброст и љубов кон танцот ја освоија публиката и предизвикаа силни аплаузи и солзи. Нивните изведби беа потсетник дека уметноста е универзален јазик што ги надминува сите бариери. Второто издание на 'Diamond Dance Competition' уште еднаш покажа дека танцот нема граници и дека страста, дисциплината и уметноста создаваат заедница која инспирира и обединува“, се вели во соопштението.

Танцовото студио „Денсерс јунајтед“ (Dancers United) коешто беше организатор на овој танцов натпревар веќе овој викнед (12. и 13 април), со својата 30-члена делегација во којашто учество земаат и лица со попречености, ќе учествува на Светското првенство во латино-танци во Варшава, Полска.  си/ац/

Фото: „Денсерс јунајтед“

Остани поврзан