• среда, 25 декември 2024

Иранска армија: Подготвени сме за пресретнување на секој израелски напад

Иранска армија: Подготвени сме за пресретнување на секој израелски напад

Техеран, 17 април 2024 (МИА) -  Иран денеска соопшти дека неговата војска е подготвена да се спротивстави на секој напад на Израел, а високи претставници на воздухопловните сили изјавија дека се подготвени за акција, пренесуваат британските меидуми.

Иран изминатиот викенд го изврши својот прв директен напад врз Израел како одговор на наводниот израелски напад врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април. Од своја страна, Израел соопшти дека ќе возврати, а неговиот воен кабинет разговараше за сите опции за контрамерки.

-Секој напад на ционистичкиот режим (Израел) на наша територија ќе биде проследен со остар одговор, изјави денеска иранскиот претседател Ебрахим Раиси на парадата организирана по повод Денот на армијата, пренесоа иранските државни медиуми.

Командантот на воздухопловните сили на Исламската Република Иран, бригадниот генерал Амир Вахеди, на истиот настан предупреди дека воените авиони, вклучително и „Су-24“ од руско производство, се во „најдобра готовност“ да се спротивстават на секој израелски напад.

-Имаме целосна подготвеност во сите области, вклучително и покриеноста на нашиот воздушен простор и бомбардерите, и подготвени сме за секаква операција, изјави генералот Вахеди.

Директен напад врз базите на Иранската револуционерна гарда или објектите за нуклеарни истражувања во Иран се меѓу израелските одмазднички опции. Можно е Израел да нападне и цели надвор од Иран, забележуваат британските медиуми.

Командантот на иранските поморски сили, адмирал Шахрим Ирани, изјави дека иранските трговски бродови веќе се придружувани од воени бродови додека не влезат во Црвеното Море, пренесе агенцијата Тасним.

-Воената морнарица е во мисија да ги придружува иранските трговски бродови до Црвеното Море и затоа нашата фрегата „Јамаран“ е присутна во Аденскиот Залив, рече тој.

Техеран е подготвен да придружува и бродови на други земји, додаде Ирани, пренесуваат британските медиуми. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан